Достапни линкови

Битолскиот Совет конструктивен, само до првото гласање


Седница на Совет на Општина Битола

Советниците ветија соработка и конструктивност, но само до првото гласање за претседател на Советот во Битола. ВМРО-ДПМНЕ гласаа против Валентин Груевски да биде прв човек во Советот.

Новите советници во Битола декларативно си посакаа соработка и конструктивност, но уште на правата седница опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ гласаше против предлогот на локалното мнозинство предводено од СДСМ, за претседател на Советот да биде ставен Валентин Груевски од ЛДП.

Иако ВМРО-ДПМНЕ на овие избори беше поразен во Битола, имаа над 13.000 гласови помалку од СДСМ за градоначалник и над 9.000 гласови за советници, а и по 12 години минати како локална власт, за советникот Груевски рекоа дека не бил ново решение, а народот сакал нова политичка свест.

„Граѓаните преку овие избори во Битола до сите нас упатија една јасна и силна порака дека имаат очекувања од нас како нивни претставници во Советот, дека треба да покажеме едно ново ниво на политичка зрелост, едно ново ниво на политичка свест и култура, а предлогот кој вие го давате не е ништо ново“, рече Иванчо Тошевски советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Времето и на кампањата и на популизмот заврши, треба да се зафатиме со работа и да не дозволиме флоскулите од типот „Живот за сите“ кое е само една добро осмислена поента да не се презентираат и на дело, бидејќи само делата можат да говорат аргументирано и со факти“, вели Борче Димитровски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, Груевски беше избран од страна на мнозинството, а поддршка дадоа и независните советници од „Поинаку“ сметајќи дека во изминатиот период ревносно ја извршувал функцијата на советник.

Груевски рече дека Советот не треба да биде арена на партиски препукувања, туку место каде ќе се работи за вистинските интереси на граѓаните.

„Ветувам дека како претседател на Совет подеднакво ќе се грижам за сите советници, без разлика дали се од власта или опозицијата. Советот мора да биде место каде ќе се решаваат пред се битолските проблеми, а не арена за партиски препукувања, бидејќи за тоа не сме добиле мандат. Ветувам дека интересот на граѓаните ќе биде на прво место, а не интересот на моќниците“, рече Груевски.

Градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, на новоизбраните советници им порача со аналитички дискусии да придонесат кон развојот на градот.

„Бидете истрајни во борбата за поубава Битола, бидете вистински двигатели на развојот на градот со аналитички дискусии кои ќе вродат до вистински решенија“, рече Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG