Достапни линкови

Заев - Со Законот за медиуми да се стави крај на притисоците


Премиерот Зоран Заев на состанок со делегација на ОБСЕ предводена од претставникот за слобода на медиумите Арлем Дезир.

Со отворањето на широка дебата во која се вклучени сите учесници од медиумската сфера, како и експертизите и препораките на ОБСЕ и на Европската комисија во подготовката за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), сакаме да создадеме фер ситуација за сите и да се стави крај на институционалните или личните влијанија и притисоци врз медиумите, вклучувајќи го и прашањето за финансиската зависност, изјави денеска премиерот Зоран Заев кој одржа состанок со делегација на ОБСЕ предводена од претставникот за слобода на медиумите Арлем Дезир.

Од владината прес-служба информираат дека била поздравена заложбата на Владата која со поддршката на граѓанското општество е насочена кон процесите на реформи и подобрување на полето на медиумските слободи.

Дезир изрази задоволство што реформите во медиумската сфера се на агендата на Владата.

„Ние сме во постојана комуникација со ресорните министерства затоа што сме убедени дека Законот за АВМУ е многу важен закон и измените ќе придонесат кон подобрување на состојбата на јавниот радиодифузен сервис, МРТВ, и стоиме на располагање и во понатамошните процеси“, посочи претставникот на ОБСЕ Арлем Дезир.

XS
SM
MD
LG