Достапни линкови

Русија ги прогласува сите меѓународни медиуми за „странски агенти“


Седница на руската државна дума

Руските пратеници изгласаа закон според кој владата може да ги прогласи медиумите кои се финансирани од странство за „странски агенти“.

Долниот дом на рускиот парламент денеска едногласно го донесе законот според кој владата може да ги прогласи медиумите кои се финансирани од странство за „странски агенти“. Амнести интернејшнал оцени дека законот ќе претставува „сериозен удар“ за слободата на медиумите во Русија.

Претседателот на Думата Вјачеслав Володин рече дека законот е „симетричен одговор“ на, како што рече, американскиот притисок врз руските новинари.

Радио Слободна Европа, кој е еден од медиумите засегнати од законот, соопшти дека на мерките на Думата не може да се гледа како на реципрочен одговор.

Законот сега треба да биде изгласан од Горниот дом, па потоа и потпишан од претседателот Владимир Путин за да стапи на сила. Горниот дом треба да гласа на 22 ноември.

Заменик претседателот на Думата Пјотр Толстој дека ќе законот „никако нема да влијае на слободата на говор во Русија“.

Амнести интернејшнал, пак, оцени дека со законот, власта „ќе го заостри притисокот“, влошувајќи ја и онака очајната ситуација со слободата на медиумите во Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска одби да одговори дали Путин ќе го потпише законот, но додаде дека тој ѝ дава можност на Москва да одговори на секое „ограничување на слободата на руските медиуми во странство“.

Претставникот на Путин во Думата, Гари Минх, за новинската агенција ТАСС изјави дека администрацијата на Путин го поддржува законот.

Со новата регулатива веројатно ќе бидат опфатени меѓународните медиумски куќи како Радио Слободна Европа, Гласот на Америка, Си-Ен-Ен и Дојче Веле.

Текстовите и радио и телевизиските преноси на медиумите што ќе бидат регистрирани како „странски агенти“ ќе мора да бидат проследени со текст кој ќе ја информира публиката за нивниот статус. Сè уште е непознато дали Министерството за правда ќе може да ги забрани медиумите кои ќе одбијат да се регистрираат како странски агенти.

Москва се жали дека државните руски медиуми РТ и Спутник биле под зголемен притисок во САД во изминатата година и најави реципрочни мерки за американските медиуми во Русија.

На 13 ноември, телевизијата РТ се регистрираше во американското Министерство за правда, според Регистрацискиот акт за странски агенти(ФАРА).

Американските разузнавачи во јануари утврдија дека РТ и Спутник шират дезинформации како дел од руските владини напори за влијание врз американските претседателски избори во 2016. Москва негира вмешаност.

Радио Слободна Европа објави соопштение во кое ги отфрла наводите дека рускиот закон е симетричен одговор на американските постапки.

„РТ и Спутник слободно се пренесуваат во САД, додека Радио Слободна Европа ги изгуби соработниците кои нè пренесуваат поради административен притисок, а немаме пристап ниту до кабелските оператори. Руските новинари работат без закани и вознемирување во САД“, се наведува во реакцијата.

„Работата на Радио Слободна Европа е да ѝ обезбеди точно и објективно новинарство на нашата публика која зборува руски јазик ширум светот, вклучувајќи ја и Русија“, се наведува во соопштението.

Думата исто така донесе закон според кој владата вонсудски ќе може да блокира интернет страници на „непожелни“ медиуми. Во моментов, 11 меѓународни непрофитни организации се прогласени за „непожелни“ во Русија, но нивните интернет страници не се блокирани.

Заменик директорот за Европа и Централна Азија во Амнести интернејшнал, Денис Кривошеев, вели дека независните медиуми и новинари во Русија се соочуваат со ризик од напади речиси секојдневно и оти голем дел од нив се „истерани од мејнстрим медиумскиот простор“ во Русија.

„Новиот закон ги подигнува пречките за медиумите кои работат во Русија на сосема ново ниво“, вели тој.

Толстој вчера рече дека на медиумските организации финансирани од странство што нема да се регистрираат како странски агенти ќе им биде забрането да работат во Русија. Тој исто така рече дека ова нема да се однесува на руските медиуми делумно финансирани со странски капитал.

Шефот на претседателскиот совет за човекови права Михаил Федотов вели дека законот е „некоректен“ и оти нема потреба за никаков „симетричен одговор“ од страна на владата.

Поранешниот министер за финансии Алексеј Кудрин на Твитер напиша дека се согласува со Федотов. Според него, законот се носи избрзано.

Американски претставници вели дека рускиот закон се разликува од ФАРА, која е донесена во 1938 година за да се спречи нацистичка пропаганда и дезинформирање во САД. Портпаролката на Стејт департментот Хедер Науерт минатиот месец рече дека потребата за регистрирање под ФАРА се активира кога субјектот или индивидуалец политички се активира.

Односите меѓу Русија и САД се сериозно влошени поради наводното мешање на Москва во американските претседателски избори минатата година и поради руската воена интервенција во Украина.

Рускиот премиер Дмитри Медведев вчера рече дека односите со САД се влошуваат од ден во ден и оти е достигната најниската точка во последните децении.

XS
SM
MD
LG