Достапни линкови

Воен удар во Зимбабве или не?


Војската на Зимбабве соопшти дека ја презеде власта во земјата за да се справи со криминалците околу претседателот Роберт Мугабе кои предизвикувале социјално и економско страдање. Соопштено е дека 93-годишниот лидер и неговото семејство биле „безбедни и здрави“.

Војници и оклопни возила, како што јавуваат светските новински агенции, ги блокирале патиштата до главните владини канцеларии, парламентот и судовите во центарот на главниот град Хараре.

„Ние само ги напаѓаме криминалците околу Мугабе“, изјави началникот на Штабот за логистика, генерал-мајор Ес Би Мојо на националната телевизија, додавајќи дека очекува штом ќе биде завршена нивната мисија, ситуацијата да се врати во нормала.

„И на нашиот народ и на светот надвор од нашите граници сакаме да им објасниме дека ова не е преземање на власта. Она што го прават одбранбените сили на Зимбабве е за да се смири дегенеративната политичка, социјална и економска ситуација во нашата земја, која, ако не биде решена, може да резултира со насилен конфликт“, рече тој.

Во текот на ноќта во Хараре, според агенциите, се слушале престрелки и детонации.

Војската го упасила министерот за финансии Игнатиус Чомбо, водечки член на таканаречената фракција „Г40“ на владејачката партија ЗАНУ, предводена од сопругата на Мугабе, 52-годишната Грејс, која се обидува да го наследи Мугабе.

Деновиве, главниот воен командант, генерал Константино Чивенга се закани дека ќе интервенира за да стави крај на чистењето на неговите сојузници во партијата на Мугабе.

Невидената изјава на Чивенга претставува голема ескалација на борбата за наследник на Мугабе, единствениот лидер Зимбабве, откако стана независна од Британија во 1980 година. Армијата беше столб на неговото владеење.

Лани, хроничното отсуство на долари доведе до долги редици пред банките и економски и финансиски колапс, а многумина почна да стравуваат дека ќе ја доживеат кризата од 2007-2008 година, кога инфлацијата достигна 500 милијарди проценти.

Мугабе, самопрогласениот „Голем старец“ на африканската политика, владее во Зимбабве во последните 37 години.

За разлика од неговиот престижен статус во Африка, Мугабе е критикуван на Западот како деспот.

Се оценува дека неговото катастрофално справување со економијата и подготвеноста да користи насилство за да ја одржи власта, според оценките, ја уништија една од најветувачките држави во Африка.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG