Достапни линкови

Кина станува водечка светска сила


Соединетите Држави и натаму се водечка економска сила во светот, но Кина им се приближува и би можело да ги престигнат. Ова е еден од главните заклучоци на најновото истражување за јавното мислење во светот, спроведено од истражувачкиот Пју центар.

Во истражувањето биле вклучени 40 илјади луѓе од 39 земји во светот. Директорот на глобалната економска програма во Пју центарот Брус Стокс за Радио Слободна Европа вели дека нешто над една третина од анкетираните мислат дека Кина веќе станала најголема економска сила во светот, што е за 20 насто повеќе од сличното истражување спроведено во 2008 година.

Глобалната конкуренција меѓу Кина и Соединетите Држави за срцата и мислите на луѓето во светот е целосна. Иако мислам дека е погрешно да се каже дека Соединетите Држави ја губат трката, точно е да се каже дека Кина победува.
Брус Стокс, директор на глобалната економска програма во Пју центарот.
„Мислењето за Соединетите Држави се уште е прилично силно, многу посилно од времето на последните години на администрацијата на претседателот Џорџ Буш. Сепак, мислењето за Соединетите Држави во однос на Кина се менува. Се повеќе луѓе на Кина гледаат како на водечка економија и очекуваат да го преземе водството во иднина“, вели Стокс.

Во Соединетите Држави мислењето е поделено. Скоро половината изјавиле дека е неизбежно оти Кина ќе ги надмине Соединетите Држави. Исто толку мислат дека тоа нема да се случи никогаш.

Како и да е, истражувањето открива дека растечката економска моќ на Кина не ја прави таа земја и попопуларна во светот. Само 50 насто од испитаниците поволно се изразиле за Кина, споредено со 63 насто кои имале поволно мислење за Соединетите Држави.

„Глобалната конкуренција меѓу Кина и Соединетите Држави за срцата и мислите на луѓето во светот е целосна. Иако мислам дека е погрешно да се каже дека Соединетите Држави ја губат трката, точно е да се каже дека Кина победува“, вели Стокс.

Во Латинска Америка и Подсахарска Африка, Кина е подобредојдена од Соединетите Држави. Според Стокс, тоа е поврзано со големите кинески инвестиции во тие региони.

Инаку, во скоро сите земји вклучени во истражувањето, луѓето мислат дека Вашингтон ги почитува правата на граѓаните. Многумина се уверени и дека претседателот Барак Обама ќе повлече добри потези на меѓународната сцена. Тоа најмногу го мислат во Германија, скоро 88 насто и во Франција 83 проценти од испитаниците.

Мислењето за Соединетите Држави во Русија, според Стокс, е изненадувачко. Имено додека се подобрува мислењето за Соединетите Држави, тоа опаѓа за претседателот Обама.

„Во светот повеќето перцепции за Соединетите Држави и повеќето перцепции за американскиот претседател одат заедно“, вели Стокс.

Мора да се спомене дека истражувањето било спроведено пред поранешниот соработник на американските разузнавачки служби Едвард Сноуден да открие детали за американските тајни програми за следење.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG