Достапни линкови

ЕУ не е загрижена од други влијанија врз Западен Балкан


Европската унија не е загрижена поради влијанието што кој било друг партнер може да го има врз Западниот Балкан. Ова го изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, објаснувајќи дека во регионот најголемо влијание има Европската унија.

Освен тоа, како што рече по состанокот на минситерите за надворешни работи на Европската унија во Брисел, Унијата е силно определена за вклучување на Западен Балкан во своите редови.

Могерини ова го изјави образложувајќи ја стратегијата за комуникација со земјите од Западен Балкан на што работи и посебна работна група што ја формира Европската служба за надворешни работи.

„Ако немате правилна политика, нема многу за што можете да комуницирате. За Западен Балкан имаме силен став на ЕУ и силна политика на ЕУ која е основа за нашата ефикасна комуникација за да можеме да ја подобриме комуникацијата. Мислам дека политиката веќе е многу подобрена“, рече таа.

Одговорајќи на прашање дали Унијата е загрижена поради присусутвото на други актери во Западен Балкан, Могерини изјави дека „Западниот Балкан е Европа“.

„Не сум загрижена за влијанието или присуството на кој било од другите партнери што можат да го имаат земјите од регионот, бидејќи јас лично се уверив и постојано дури и во текот на минатата година каде што многу земји се соочуваа со сложени политички или изборни циклуси, така да кажам, кога Европската унија е таму и таму е со сета своја сила, со сето свое присуство кохерентно, нема друг партнер кој има поголемо влијание од Европската унија во регионот, бидејќи регионот е Европа“, рече таа.

Могерини додаде дека границите на сите шест земји на Западен Балкан се граници на Европската унија.

„Ние сме едно, ние сме семејство, ние сме географски и историски поврзани заедно, и затоа кога Европската унија е конзистентна и кохерентна, а нашите партнери во регионот исто така се конзистентни и кохерентни, ниедно друго влијание или присуство не може да биде посилно од тоа“.

Могерини дополни дека е формирана многу мала работна група за стратегиска комуникација со Западен Балкан и оти таа група почна да дејствува пред неколку месеци па зато било премногу рано за да се оцени работата на тимот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG