Достапни линкови

Влада-премиерот Заев не ги доведе укажувањата за ликвидација во релација со Русија


Архивска фотографија-премиерот Зоран Заев

Стратешка определба и интерес на Република Македонија e членството во НАТО алијансата и во Европската унија, а во исто време, Владата на Република Македонија е сериозно посветена и кон градење пријателски односи и соработка со Руската Федерација на принципиелно демократско ниво, реагираат попладнево од македонската влада по соопштенијата од руското министерство за надворешни работи и амбасадата на Русија во македонија.

“Изјавата на Претседателот на Владата на Република Македонија за црногорскиот медиум се темели на искуствата од регионот и реакциите на Руската Федерација при зачленувањето на други земји од регионот во НАТО алијансата. Во интервјуто за црногорскиот медиум, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во ниту еден момент не ги доведува укажувањата за ликвидација кон него во било каква релација со Руската Федерација“ наведуваат од владата.

Во соопштението пишува и дека владата останува целосно на заложбите за реализација на нашите евроатлантски стремежи и не гледа судир на тие заложби со определбата да ги одржиме добрите односи и со Руската Федерација.

Попладнево Марија Захарова, портпаролка на министерството за надворешни работи на Русија, рече дека изјавите на македонскиот премиер дека наводно Русија подготвува негова ликвидација се неосновани инсинуации , обид за самореклама и дека таквите изјави служеле единствено како покритие за забрзано внесување на балканската земја во северноатлансткиот пакт.

„Најважно е што таквите изјави им наштетуваат на руско македонските односи и очигледно се разликуваат од декларираната подготвеност на Скопје да гради конструктивна соработка со нашата земја“ рече Захарова.

Со слична реакција се јави и амбасадата на Русија во Македонија.

"Со зачуденост и загриженост истакнуваме дека во тоа интервју, во контекстот на минатогодишните настани во Црна Гора, шефот на македонската влада, повикувајќи се на некои „репорти“ и „аналитичари“, намерно или не, ја претстави ситуацијата на тој начин дека Руската Федерација наводно била вмешана во обиди за „ликвидација“ и подготвувала такви акции против самиот господин Зоран Заев. Категорично изјавуваме дека ваквите тврдења се неосновани и ги сметаме за недозволиви", се наведува во реакцијата на амбасадата.

Премиерот Зоран Заев во интервју за црногорското радио Антена М деновиве изјави дека Македонија нема друга алтернатива освен влез во Алијансата.

„Како реагираа околу Црна Гора, веројатно ќе реагираат жестоко. Подготвени сме. Мојата земја нема друга алтернатива. Јас само велам вака: Ние сакаме да ја унапредиме нашата соработка со Русија, сакаме што повеќе домати да продадеме таму, и зелка и сите наши земјоделски производи што ги имаме. Но, ние немаме алтернатива за НАТО“, изјави Заев во интервју за радиото во Подгорица.



XS
SM
MD
LG