Достапни линкови

Празна каса и многу работа пред новите локални власти во Старо Нагоричане


Жаклина Јовановска, градоначалничка на Општина Старо Нагоричане.

Новата локална самоуправа во Старо Нагоричане треба да се справи со проблемот со водоснабдувањето, уличното осветлување, зимското одржување на патишта, а општинската каса е празна. Друг голем проблем е што младите си заминуваат од општината.

Жаклина Јовановска од СДСМ на градоначалничката функција стапи кога општинската каса на Старо Нагоричане е празна, а пред неа и локалната самоуправа стојат безброј проблеми на жителите од Козјачко-Пчињскиот регион. Како советник во општинскиот Совет во претходниот мандат не и е непозната состојбата, но таа како што вели, има визија за да ја оправда укажаната доверба.

„Заедно со Советот довербата на граѓаните за четири годишниот мандат ќе ја оправдаме со надминување на инфраструктурните проблеми, уличното осветлување, водоводните системи и сите други кои ќе бидат посочени од самите граѓани. Визија имам и прво што ќе направиме е уличното осветлување бидејќи половина година нема, иако граѓаните го плаќаат, а не го користат, зимското одржување на патиштата за да не бидат блокирани како минатата година и најверојатно кон ЈП „Водовод“, зашто летото беше тешко водоснабдувањето, а мислам дека проблем е во системите, а не во капацитетот“, вели новата градоначалничка.

РСЕ: Вашите претходници не се прославија со домаќинско работење, дали вие како жена ќе работите подомаќински?

„Како што жената е столб на куќата, мислам дека и затоа ја добив довербата од граѓаните, се надевам дека ќе ја оправдам“, вели таа.

Бобан Цветановски од селото Стрновац, од СДСМ го започнува вториот советнички мандат. За претходниот вели дека тогашниот градоначалник немал слух за потребите на граѓаните, па и некои средства кои што пристигале во општината не биле користени за надминување на круцијалните проблеми на населението.

„Во малите места луѓето се задоволни со она малку што ќе им се пружи, а тоа е водоснабдување, улично осветлување, одржување на патишта“, вели Цветановски.

Тој додава дека во оваа рурална општина само три-четири села имаат поголем број жители, останатите се главно со по десетина и помалку и тоа старци, бидејќи лошите животни услови и неразвиеноста на општината младите ги бркаат.

Саша Алексиќ е еден од двајцата независни советници и засега смета дека така ќе остане, а неговата партиципација во Советот е затоа што сака да помогне да се работи подобро.

„По до сега катастрофалните резултати, сигурно ќе биде подобро. Само да не се замени една со друга власт, сепак очекувам да биде подобро“, вели тој.

Многу ветувања, рекламирани и промовирани проекти, а видливо многу малку или ништо од она што „сработиле“ локалните власти изминатите две децении. Жителите кои веќе навлегле во третото животно доба се резигнирани и незаинтересирани.

„Од политиката ништо не знам, не знам ниту кој работел порано, ниту кој ќе работи сега.“

„Ако работиш ќе имаш, ако не, нема да имаш. Новите нека пробаат, ако не ги бидува, ќе бараме друго чаре.“

„Новата градоначалничка вети дека ќе работи, па ќе видиме“, велат некои од запрашаните жители на Старо Нагоричане.

Старонагоричката Општина или Жидиловскиот крај изобилува со природни убавини, со геотермален извор, плодно земјиште, пасишта, археолошки локалитети, духовни и културно-историски монументи, но за жал, како што велат жителите, за помалку од една деценија ќе остане без луѓе, зашто младите немаат услови и перспектива да останат на вековните огништа, а претходните власти ништо не направиле.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG