Достапни линкови

Граѓаните низ загаден воздух, институциите со низа мерки


Скопје во смог
Скопје во смог

Властите ги зголемуваат мерките против аерозагадувањето и најавуваат меѓуресорска соработка. До ова доаѓа кога мерните станици покажуваат големи загадувања на воздухот. Од УНДП се загрижени дека Скопје троши дрва за огрев колку што има на Водно.

Во време кога граѓаните со денови се гушат поради присуството на опасните ПМ10 честички во воздухот, локалните и централните власти излегоа со серија долгорочни и краткорочни мерки кои во наредните десет години треба да ги решат проблемите и да овозможат чист воздух. Како итни мерки се најавуваат: засилен комунален надзор на недозволени палења и сообраќајни решенија со кои градот ќе се обиде во претстојната сезона да ги ублажи последиците од аерозагадувањето. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов најави иницирање измени на законот при технички преглед на автомобилите за да може секое возило да добие еколошка налепница. Со тоа ќе може да се исклучат од сообраќај возилата кои реално го загадуваат воздухот во деновите кога состојбата е алармантна.

„Измените на законот очекуваме да поминат пред Собранието до крајот на годинава, а догодина да се мапираат возилата на територијата на Македонија и административно да се забранува сообраќајот за возилата кои се загадувачи“, изјави Шилегов.

До ова решение на градот доаѓа по барањата на екологистите да се воведат поригорозни рестрикции во сообраќајот од типот возења според принципот пар – непар. Категоризацијата на возилата за тоа колку тие го загадуваат воздухот, според Градот Скопје, е решение кои се пременува во европските земји.

Црвениот аларм е вклучен
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку најави неколку предлог проекти како субвенционирање на филтри во институциите, поставување прочистувачи на воздухот во градинки, училишта и болници, поттикнување на употреба на електрични возила и зајакнати контроли. На прашањето дали мерките се задоцнети, со оглед дека во болниците секој ден се зголемува бројот на пациенти со белодробни заболувања, тој рече дека за најавените проектите се потребни и повеќе пари.

„Ние сме реформска влада и за прв пат во буџетот на државата предвидуваме ставка со која ќе се планираат одредени мерки за намалување на негативните појави“, изјави Дураку.

Насоки каде треба да се бараат решенијата за надминување на проблемот со аерозагадувањето во Македонија дава и студијата на УНДП која на денешниот состанок во Клубот на пратеници ја разгледуваа министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку и заменик министерот Јани Макрадули со градоначалникот на Скопје и градоначалниците на општините од Скопскиот плански регион. Постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон нагласи дека греењето на домаќинствата учествува со една третина во загадувањето на воздухот, а со 20 отсто учествуваат транспортот, индустријата и градежништвото.

„Најзначајниот наод е дека 45 проценти од домаќинствата се греат со дрво или други штетни материи за воздухот. Всушност наодот е дека Скопје троши 370 илјади тони огревно дрво што еднакво на бројот на дрва што ги има на Водно“, изјави Винтон.

Од УНДП за надминување на проблемот предлагаат премин од застарени печки кои функционираат на огревно дрво на печки на палети, инвестирање во изолација на домовите и што повеќе домаќинства да се приклучат на централно греење. Гасификацијата среднорочно е главен проект на Градот Скопје.

Градоначалникот Шилегов рече дека во меѓувреме планирани се разговори на Градот со операторите од Топлификација за намалување на цената на парното и стимулирање за приклучување на тие граѓани што се откажале од користењето на овие услугите зашто претходно беа незадоволни поради високите цени.

Шилегов исто така најави и скалесто зголемување на цената на паркингот и намалување цената на јавниот превоз.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG