Достапни линкови

Правдата и градоначалниците - топ теми во неделниците


Фокус прашува зошто откако Заев ја презеде власта, не „настрада“ ниту еден функционер, ситен или крупен, од ДУИ. Капитал посочува што треба да прават новите градоначалници.

Фокус - Наместо да е слепа, правдата ѕирка

Најновиот Фокус на насловната со приказ на главата на премиерот Заев како онаа на божицата на правдата Јустиција, но само со едното око преврзано. Со другото – гледа. А текстот со крупни букви испишан: „Наместо да е слепа, правдата ѕирка“. Но како наднаслов пишува: „Премиерот како судски портпарол“. Ова дека „правдата ѕирка“ како да е алузија на поранешниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ на Ѓорче Петров, Сокол Митровски и неговото приведување, како и кривичните со кои во предизборието се збогатија уште неколкумина градоначалници на ДПМНЕ, како што пишува авторката на дневникот во неделникот. Со тоа што во текстот се изразува чудење што во изминативе неколку месеци откако Заев и екипата, вели, ја презедоа власта, не „настрада“ ниту еден функционер, ситен или крупен, од ДУИ. Нив ни СЈО ич не ги есапи, па излегува дека во најкриминалната власт, според „бомбите“ и според она што го гледавме, груевци биле крими екипа, а ахметиевци чисти „ѓоа бебенца“! „Бидејќи премиерот денеска (во средата)“, завршува дневниот запис во Фокус, „се пофали дека не се селективни, па во својство на портпарол на судот обзнани дека двајца членови на владата се под истрага, би можел да објасни и дали можеби поранешните функционери уживаат некаков супер имунитет од кривичен прогон. Или, пак, кога како опозиција ги прозиваа за криминал истите, само се шегувале“, иронизира Фокус.

Капитал – Што значи „чист мандат“ за новите градоначалници?

„Могерини сакаше да каже дека ’чист мандат‘ обврзува на суштински и брзи реформи!?“е насловен уводникот на Капитал во кој авторот како да не е задоволен со темпото на најавените реформи и дообјаснува што значат зборовите „чист мандат“ на првиот дипломат на ЕУ. Чистиот мандат на Зоран Заев мора да биде исполнет со конкретни реформи во политиката, економијата, судскиот систем и во граѓанскиот сектор, нагласува Капитал за да поентира дека доаѓа времето кога културолошките „нови меѓници“ на живеење и дејствување и точки на развојот во општествената, економската и политичката сфера, Македонија ќе мора да ги увезе забрзано како „нов софтвер за апдејт“. Ќе го увеземе од надвор, и тоа ќе биде софтвер „Македонија.2“. Но тој софтвер не може да работи на овој криминализиран и спор хардвер од држава која нема капацитет. Сфаќате ли?, прашува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG