Достапни линкови

Северна Кореја повторно лансира ракета, САД бараат акција


Соединетите држави ги повикаа Кина и Русија да преземат директна акција против Северна Кореја откако денеска таа земја лансира втора балистичка ракета над Јапонија. САД и Јапонија за денеска побараа итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон за време на престојот во Лондон изјави дека Кина ја снабдува Северна Кореја со нафта, а оти Русија е најголем работодавач на севернокорејскиот принуден труд.

„Кина и Русија мора да ја покажат нивната нетолерантност за вакви безобзирни ракетни лансирања со тоа што ќе преземат нивна сопствена акција“, оцени Тилерсон:

„Се надевам дека Кина, како голема земја, светска сила, сама ќе реши, ќе преземе врз себе да ја искористи таа моќна алатка на снабдување со нафта за да ја убеди Северна Кореја да го преиспита својот сегашен пат кон развој на оружјето, да го преиспита нејзиниот пристап кон дијалог и преговори во иднина“.

Тилерсон ова го изјави откако Советот за безбедност на Обединетите нации, по барање на Вашингтон и Токио, закажа итен состанок за последниот севернокорејски ракетен тест.

Соопштено е дека балистичката ракета минала околу 3 илјади и 700 километри на максимална височина од 770 километри. Тоа е најдалеку и највисоко што постигнала една севернокорејска ракета.

Ракетата го прелетала јапонскиот остров Хокаидо по што паднала во Тихиот океан на околу 2 илјади километри од јапонскиот брег.

Во Јапонија беа активирани сирените за тревога што принуди милиони јапонци да се скријат во засолништа.

Јапонскиот министер за одбрана Итсунори Онодера изјави дека денешната ракета била иста како и претходната.

„Ние веруваме дека тоа е истиот проектил со среден дострел кој беше лансиран на 29-ти август, што Северна Кореја го нарекува Хвасонг 12“.

До лансирањето на ракетата дојде ден откако Пјонгјанг се закани дека ќе ја потопи Јапонија и ќе ги прекрие Соединетите држави со „пепел и темница“, бидејќи ја спонзорираа последната резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се воведуваат поостри санкции врз Северна Кореја.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG