Достапни линкови

Преговорите за името продолжуваат овој месец


Архивска фотографија - Посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц дава изјава за медиумите во Скопје.

Преговорите за името меѓу Македонија и Грција ќе продолжат овој месец, велат од МНР. Според познавачи на ова прашање, со изборните резултати легитимитетот на Владата е зацврстен и таа сега има добра шанса за посериозни преговори за решавање на спорот за името.

Преговорите под покровителство на Обединетите Нации (ОН) со медијаторот Метју Нимиц во ноември ќе продолжат по подолга пауза на ниво на преговарачи, велат од Министерството за надворешни работи за Радио Слободна Европа. Оттаму додаваат оти датум ќе биде објавен откако тие целосно ќе бидат потврдени, но не откриваат повеќе детали дали постои некаков предлог околу кој е можен компромис.

Интензивирање на преговорите за името во следниот период очекуваат и аналитичари од земјава, како и средби меѓу претставници на Македонија и Грција. Тие сметаат дека со завршувањето на локалните избори легитимитет на Владата повеќе е зацврстен и сега таа има добра шанса да влезе во посериозни преговори со Грција за наоѓање решение за спорот со името, кое би било прифатливо за двете страни.

Според професор Беким Кадриу од Правниот факултет на Универзитетот во Тетово, иако моментално нема посериозни сигнали, тој е сигурен дека постојат контакти меѓу претставници на владите на Македонија и Грција, а според него можно е да има и некој конкретен предлог за кој јавноста се уште не знае.

„Мислам дека има контакти и тие ќе се интензивираат во блиска иднина и евентуално ќе има некој конкретен предлог, што потоа ќе се остави да се дискутира и кај едната и кај другата влада, и да се види каква е атмосферата за прифаќање на тој конкретен предлог“, вели Кадриу.

Тој додава дека генерално расположение кај двете држави сега е во многу подобра состојба, отколку што тоа било во последните пет години.

„Постои една поголема искренест, поголема сериозност, различен е пристапот кон ова прашање што Македонија го влече дваесетина години“, вели Кадриу.

Според поранешниот амбасадор и долгогодишен дипломат Љупчо Арсовски, добро ќе биде доколку има побрза средба меѓу министрите за надрешни на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас.

„Локалните избори завршија со едно мнение на граѓаните преточено преку гласовите дека Македонија сака да оди напред кон Европа и дека сака да стане прво членка на НАТО, а потоа и на Европската унија. Од тој аспект ситуацијата е чиста и од поддршката што ја добиваме од ЕУ во одобрувањето на зацртаниот нов пат“, вели Арсовски.

Тој додава дека во следниот период веројатно ќе бидат направени напори за интензивирање на прашањето и од страна на медијаторот Метју Нимиц.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG