Достапни линкови

Москва повикува на дијалог на ирачките Курди со Багдад


Ирачкиот министер за надворешни работи Ибрахим ал Џафари и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров во Москва

Москва ја почитува аспирацијата на ирачките Курди да се обидат да го потврдат својот идентитет, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, но додава дека тоа мора да се направи по пат на дијалог со федералната влада во Багдад. Лавров денеска во Москва разговараше со ирачкиот министер за надворешни работи Ибрахим ал Џафари. Рускиот министер ги коментираше тензиите меѓу Багдад и ирачкиот курдски регион, по референдумот за независност што се одржа во автономниот регион минатиот месец.

„Ние го разбираме стремежот на курдскиот народ за зајакнување на нивниот идентитет и самосвест“, рече Лавров.

Тој сепак инсистира на тоа дека дијалогот е единствениот правилен начин да се реализираат тие аспирации, оти, како што вели, треба да се има предвид значењето на курдското прашање за регионот и потребата да се избегне дополнителна нестабилност.

Лавров, исто така, рече дека Русија ќе ги продолжи економските врски со курдскиот регион, како и со другите конститутивни делови на Ирак. Не ги прекинува ниту дипломатските врски со курдскиот регион, но нотира дека мисијата во тој регион е подредена на амбасадата во Багдад. Ирачкиот министер, според руските новински агенции, очекува зајакнување на односите со Русија.

XS
SM
MD
LG