Достапни линкови

Децентрализација само за послушните градоначалници


Владата и ги одзеде ингеренциите на Општина Центар во врска со ГТЦ и со седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, за градоначалникот Андреј Жерновски да не може да ја спречи барокизацијата или да ја урива терасата за која вели дека е дивоградба.

Со промена на статусот на Градскиот трговски центар во Скопје во објект од посебен интерес, на Општината Центар правно и се врзуваат рацете за да може да го одбрани од владината желба за барокизирање. Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, во интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела, вели дека откако помина референдумот, општината премина во поинаков начин на правна борба за заштита на овој објект од барокизирање. Со одлука на општината, на делот од кејот, сосе ГТЦ и делот каде што беа предвидени да се изградат Шпанските скали, се забранети градежни активности затоа што тој дел од градот се третира како туристичка зона, вели Жерновски.

„Што се случи? Една од низата десетина промени кои се случија само зашто има политичка промена во Општина Центар, односно опозицијата дојде на власт, една од низата промени во законот за градење и во законот за урбанистичко и просторно планирање, беше сега тоа да и се одземе на општината. И тоа се случи, но ние и натаму ќе бараме модели како да се спротивставиме“, вели тој.

Слична е и ситуацијата и со терасата на седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за која Жерновски е дециден дека е дивоградба за која во изминатава година неколку пати се закануваше дека ќе ја урне. Општина Центар се жалеше до второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски дека не може Град Скопје да ја преземе надлежноста за тој дел од општината.

„Се разбира, партиското влијание ја заврши својата работа и министерството нас нè одби, кажувајќи дека тој сегмент на Центар е под Град Скопје. Се разбира тие што ме знаат мене и екипата што работи во Општината Центар знаат дека од ова нема да се откажеме затоа што е дивоградба“, посочува Жерновски.

Професор Темелко Ристески вели дека во Македонија наместо децентрализација се случи обратен процес, со тоа што и се овозможи висок степен на моќ на централната власт.

„Дури и за она што пред законот е во надлежност на локалната власт, централната власт многу лесно и бргу ги менува законите и ги прилагодува согласно со нејзините потреби. Имајќи го тоа предвид сметам дека локалната власт нема доволно моќ да се бори со централната власт“, објаснува Ристески.

Тој додава дека во една таква ситуација, правен инструмент се иницијативи до Уставниот суд за оценка на законите, но досегашното искуство покажува дека ни тоа не е добар механизам поради партизацијата, па отпорот кон одлуките на централната власт може да се спроведе надвор од институциите.

„Во таква ситуација останува уставното право на граѓаните на протест, да протестираат и преку мирен протест да го изразат своето незадоволство од одлуките на централната власт“, вели Ристески.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG