Достапни линкови

Австрија врти на десно


Младиот конзервативен лидер Себастијан Курц е на пат да стане иден канцелар на Австрија по вчерашните парламентарни избори во таа земја. Сепак, неговата партија е далеку од неопходното мнозинство и најверојатно ќе бара коалициски партнер во крајната десница.

Министерот за надворешни работи Курц кој има само 31 година успеа да издејствува неговата Народна партија да победи на изборите.

Тоа пред се благодарение на неговите ставови против мигрантите со што остави мал простор меѓу Народната партија и крајнодесничарската Слободарска партија.

Курц пред неговите приврзаници во Виена прогласи победа, наведувајќи дека неговата конзервативна партија триумфирала над социјалдемократите, што се случило само два пати по Втората светска војна:

„Денеска е историски ден, тоа е наша шанса да го преземеме раководството на нашата земја и да преземеме вистински промени. Затоа, ви благодарам“, рече тој.

И двете партии го подобрија резултатот од претходните парламентарни избори во 2013 година, што означува остро вртење на земјата на десно.

Социјалдемократите на канцеларот Кристијан Керн се борат за второто место, што најверојатно ќе биде познато по објавувањето на конечните резултати кон средината на неделава, бидејќи останало да се пребројат уште над 800 илјади гласови на граѓаните кои не гласале во нивните окрузи.

Курц изјави дека неговите натамошни планови за формирање влада ќе зависат од конечните резултати.

Лидерот на евроскептичната десничарска Слободарска партија, Ханц Кристијан Штрахе, изјави дека неговата партија станува голем политички фактор во Австрија:

„Сега ќе видиме дали тие се искрени и сериозни. Дали се подготвени да отворат чесни преговори со нас. Но, ви велам дека можете да се потпрете врз едно нешто - остануваме верни на самите себе, драги пријатели. И ние им остануваме верни на Австријците“, рече тој.

И покрај тоа што Себастајан Курц покажа извесно противење спрема европската миграциска политика, тој и наклонет на Европската унија па затоа аналитичарите не сметаат дека под негово водство Австрија би можело да го стави под прашалник своето членство во Унијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG