Достапни линкови

Прилепчанец нашол три празни гласачки ливчиња зад параванот


Прилеп

На гласачкото место 1376 во ОУ „Блаже Конески“ во Прилеп денеска гласач зад параванот каде што треба да гласа, затекнал 3 гласачки ливчиња со печат, на коишто сè уште никој не гласал.

„Веднаш интервенирав кај членовите на избирачкиот одбор, натаму не знам кој ќе биде исходот од овој случај“, вели Александар С. гласач од Прилеп.

Случајот веднаш бил пријавен и во Општинската изборна комисија, којашто изврши увид на ова избирачко место, каде што имаше прекин на гласањето.

„На терен сум, работиме на расчистување на случајот“, изјави за Радио Слободна Европа, Каролина Шукуроска, претседател на ОИК за Прилеп.

Главно во градот изборниот процес за нова локална власт тече без други видливи проблеми. Според избирачките одбори, евидентна е помала излезност во однос на вонредните парламентарни избори во декември. Според последните информации од ДИК, до 14 часот во Прилеп излезноста е 35,74 отсто.

Изборниот процес во оваа општина се одвива на 142 избирачки места, каде се запишани 64.924 граѓани со право на глас. Граѓаните избираат меѓу двајца кандидати за градоначалници и три советнички листи.

XS
SM
MD
LG