Достапни линкови

Вести

Заврши увидот во Кривичниот суд, ќе се утврдува дали имало злоупотреба

Илустрација-Основен суд Скопје 1

Комисијата составена од Министерството за правда денеска ја заврши ревизијата на Автоматизираниот информациски систем за управување со судските предмети (АКМИС) во скопскиот Кривичниот суд.

Судијата Лазар Нанев, кој е назначен за претседател на Комисијата, која беше формирана по препораките на европскиот експерт Рајнхард Прибе, најави дека во наредните денови ќе се прави анализа за да се утврди дали изминативе две години имало злоупотреба на АКМИС системот.

Според Нанев, за еден ден не може да се утврди дали има злоупотреба. Законска обврска е секој суд во Македонија да има внатрешни процедури и на месечно ниво да го проверуваат работењето на системот.

Увидот во АКМИС-системот во скопскиот Кривичен суд почна минатиот четврток. Предвидено е Комисијата да прави ревизија на електронските системи во сите судови. Информатичкиот систем АКМИС служи за распределба на предметите кај судиите, а Комисијата треба да испита дали има злоупотреби при распределбата на предметите.

види ги сите денешни вести

Пожар во американска фабрика за беспилотни летала во Летонија

Илустрација

Во фабрика за беспилотни летала во Летонија, која произведува беспилотни летала за војската на Украина и за сојузниците во НАТО денеска избувнал пожар.

Дваесетина полициски автомобили, девет противпожарни возила и пет возила на брза помош се упатиле на местото на пожарот во фабриката што ја води американската компанија „Еџ автономи“ на периферијата на Рига. Причината за пожарот не е позната и нема информации за повредени.

„Во зградата за производство се појави ризичен пожар, кој искри многу чад“, објави пожарникарската служба на Твитер, повикувајќи ги локалните жители да ги држат затворени вратите и прозорците.

Компанијата со седиште во Калифорнија, според нејзината веб-страница, произведува беспилотни авиони со долг дострел за разузнавачки, надзорни и извидувачки мисии.

Пет жртви во експлозија на гас во зграда во Русија

Зградата која се урнала како резултат на експлозијата на гас во Јефремов.

Најмалку пет лица загинаа денеска во експлозија на гас во зграда на пет ката во градот Јефремов, кој се наоѓа јужно од руската метропола Москва, соопштија локалните власти на регионот.

„Досега се спасени седум лица, за жал пет лица загинаа“, информираа од итната служба и оттаму додадоа дека спасувачките тимови продолжуваат да бараат преживеани или тела на местото на настанот.

Според властите, експлозијата уништила три нивоа од петкатница. Експлозиите на гас се релативно чести во Русија поради застарената инфраструктура и лошите безбедносни прописи околу употребата на гас.

МВР: Приведени неколку лица за оштетувањето на македонскиот клуб во Благоевград

Отворањето на македонскиот клуб во Благоевград.

Неколку лица се приведени за оштетувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ во Благоевград, велат од МВР за РСЕ, откако, како што додаваат оттаму, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера покренал иницијатива до неговиот бугарски колега Иван Демерџиев за расчистување на случајот.

Од МВР посочуваат и дека Демерџиев за епилогот денеска го известил министерот Спасовски.

Бугарскиот интернет портал „Нова бг“, претходно јави за случајот се приведени 4 лица и дека станува збор за две жени и двајца мажи и тие моментално се во притвор.

По полициската акција во Благоевград, како што јави медиумот, Демерџиев го информирал Спасовски.

Каменувањето се случи на 5 февруари и притоа беше предизвикана материјална штета. Според бугарските медиуми, кон клубот биле фрлани повеќе камења при што е искршено надворешното стакло.

Организацијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден Пирин бара од тамошната полиција да истражи случајот. Клубот беше отворен во октомври лани.

Нападот врз македонскиот клуб во Благоевград се случи еден ден по одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата свети Спас во Скопје.

Одбележувањето помина под силно полициско обезбедување, но во мирна атмосфера. Сепак, тензично, беше на граничниот премин „Деве Баир“, кога бугарски државјани кои сакале да присуствуваат на одбележувањето на роденденот на Делчев во Скопје не беа пуштени да влезат на македонска територија поради пад на граничниот систем за контрола.

Министерство за внатрешни работи соопшти дека тројца бугарски државјани биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир и недолично однесување со полициските службеници на „Деве Баир“. На тројцата им беше изречена и парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.

Украина ќе добие над 100 тенкови

Илустрација

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус кој беше во ненадејна посета на Киев најави денеска дека Украина ќе добие повеќе од 100 борбени тенкови од постариот тип Леопард 1 од неколку европски земји.

„Бројот на тенкови е доволен за опремување на најмалку три баталјони“, рече Писториус без да ги именува земјите освен Германија кои ќе ги испратат тенковите Леопард 1.

Тие треба да бидат испорачани до првиот или вториот квартал на 2024 година. Писториус, кој ја презеде функцијата министер за одбрана пред помалку од три недели, се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски и министерот за одбрана Олексеј Резников за време на неговата посета.

Германската влада минатата недела соопшти дека одобрила извоз на борбени тенкови Леопард 1 во Украина. Леопард 1 не се толку напредни како Леопард 2 што Германија и другите земји ветија дека ќе ги испратат во Украина минатиот месец, откако САД се согласија да испратат тенкови М1 Абрамс.

Украина побара од своите западни сојузници да и достави потешко оружје за да се спротивстави на руските трупи кои продолжуваат да вршат напади долж линиите на фронтот во источна Украина.

Борел: Дезинформациите се оружје на Русија за контрола и дестабилизација

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел оцени дека Русија води агресивна војна на два фронта: на бојното поле и на информативниот простор и „се обидува да ги освои срцата и умовите на луѓето“.

„Битката против манипулациите со информациите и странското мешање е битка на нашето време. Тоа е битка која мора да ја добиеме“, рече Борел на конференцијата во Брисел.

Во своето излагање Борел оцени дека Русија со години инвестира во дезинформации и манипулации со информации и тоа многу повеќе отколку што прави ЕУ во борбата против дезинформациите.

Тој предупреди на „нов бран“ на дезинформации на фабрикувани слики, видеа и веб-страници кои се претставуваат како медиуми кои се шират, според Борел, „пет пати побрзо од светлината преку социјалните медиуми и сервиси за размена на пораки“.

Оценувајќи ги дезинформациите како оружје на Кремљ, шефот на европската дипломатија нагласи дека Москва на тој начин се обидува да ја контролира ситуацијата дома, но во исто време да ги дестабилизира другите.

„Русија изгради мрежи и инфраструктура за да измами, лаже и дестабилизира. Сакам да ги користам овие силни глаголи: измами, лаже и дестабилизира на индустриски начин. Да ја поткопа довербата во институциите“, подвлече во својот говор Борел.

Тој оцени дека тоа е голема закана за либералните демократии, кои се базираат на информации. Во рамки на конференцијата беше презентиран и извештај за закани од манипулации со странски информации и мешање.

Спасовски ќе ги награди полицајците кои беа на терен за чествувањето на роденденот на Делчев

Полицајци вршат проверка на граѓани за време на чествувањето на роденденот на Делчев на 4.02.2023.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил најави дека сите полициски службеници кои во саботата се погрижиле за достојно чествување на 151 година од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ќе бидат наградени со 10 проценти од основната компонента на платата на работникот.

Тој додава дека како министер за внатрешни работи го искористил правото што му го дава Колективниот договор на МВР и на денешната седница и предложил на Владата, која прифатила полицајците кои биле ангажирани на терен на 4 февруари да бидат наградени.

Основната компонента на плата ја сочинуваат: дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж.

Одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Делчев во црквата свети Спас помина под силно полициско обезбедување, но во мирна атмосфера. Сепак, тензично, беше на граничниот премин „Деве Баир“, кога бугарски државјани кои сакале да присуствуваат на одбележувањето на роденденот на Делчев во Скопје не беа пуштени да влезат на македонска територија поради пад на граничниот систем за контрола.

Министерство за внатрешни работи соопшти дека тројца бугарски државјани биле приведени поради нарушување на јавниот ред и мир и недолично однесување со полициските службеници на „Деве Баир“. На тројцата им беше изречена и парична казна во износ од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.

Ѓукановиќ: Го поддржуваме европскиот пат на Косово

Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и претседателката на Косово Вјоса Османи.

„Ги разбираме амбициите на Косово да стане членка на Советот на Европа, да добие статус на кандидат за Европската унија и тоа силно го поддржуваме“, изјави денеска претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ по средбата со претседателката на Косово Вјоса Османи.

Ова е прва официјална посета на претседателката на Косово на Црна Гора, каде што престојува на покана на Ѓукановиќ, кој пред вилата Горица ја пречека со највисоки државни почести.

Османи истакна дека Црна Гора досега покажала јасна поддршка за Косово на сите полиња.

„Црна Гора и Косово се суверени држави и јасно посветени на патот кон членството во ЕУ. Ќе продолжиме да работиме со цел да ги решиме прашањата од нашето болно минато. Ќе продолжиме по патот на мирот и стабилноста“, рече Османи.

Таа му се заблагодари на Ѓукановиќ за поддршката, наведувајќи дека членството на Црна Гора во НАТО придонело за мир во целиот регион.

Ѓукановиќ рече дека Црна Гора внимателно следи се што се случува во преговорите меѓу Косово и Србија.

„Убедени сме дека може да се постигне одржлив договор, со решавање на тоа прашање значително би се решила стабилноста на овој регион“, порача Ѓукановиќ.

Владата на Црна Гора, предводена од Демократската партија на социјалистите на претседателот Ѓукановиќ, го призна Косово во октомври 2008 година, осум месеци по одлуката на Приштина да прогласи независност.

УНЕСКО нуди помош за оштетеното светско наследство во Турција и Сирија

Седиштето на УНЕСКО во Париз.

Организацијата на Обединетите нации за образование, култура и наука - УНЕСКО денеска соопшти дека е подготвена да обезбеди помош откако две места во Сирија и Турција кои се на листата на светско наследство беа оштетени од разорниот земјотрес кој ги погоди државите. Покрај штетите на стариот град Алепо, Сирија и на тврдината во југоисточниот турски град Дијарбекир, УНЕСКО соопшти дека може да бидат загрозени уште најмалку три други топоними.

„Нашата организација ќе обезбеди помош во рамките на својот мандат“, рече генералниот директор Одри Азулеј.

Во соопштението на УНЕСКО се наведува дека партнерските организации веќе извршиле првично истражување за штетите од земјотресот што се случи пред зори во понеделникот. Посебна загриженост беше изразена поради стариот град Алепо, кој од 2013 година се наоѓа на листата на загрозено светско наследство поради граѓанската војна во Сирија.

„Во цитаделата е забележана значителна штета. Урната е западната кула на стариот градски ѕид и ослабени се неколку објекти“, се наведува во соопштението.

Алепо се смета за еден од најстарите населени градови во светот, со пазари, џамии, сараи и јавни бањи. УНЕСКО, исто така, изрази жалење поради „рушењето на неколку згради“ на светското наследство на тврдината Дијарбакир и соседните градини Хевсел во Турција. Беше нагласено дека целата област била важен центар за римскиот, сасанидскиот, византискиот, исламскиот и отоманскиот период.

Бројот на загинати во големиот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија денеска се искачи над 5.000, покажаа официјалните податоци, а спасувачките тимови сè уште трагаат по преживеани под урнатините.

Таравари: Се финализира договорот за влез на Алијанса за Албанците во Владата

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари денеска изјави дека се финализираат преговорите за вклучување на партијата во Владата.

„Ние сме на привршување и можам да кажам дека е постигнат голем дел од договорот, верувам дека денеска или утре договорот дефинитивно ќе биде финализиран и потоа ќе го објавиме јавно, секако и Владата и Алијанса за Албанци“, изјави Таравари.

Тој притоа не сакаше да открие кои ресори и директорски места ќе и припаднат на неговата партија како дел од владината коалиција.

„Мислам дека договорот треба целосно да се заврши и потоа да разговараме. Мислам дека би било некоректно да се каже нешто и ако се смени, затоа кога се ќе заврши, ќе ги изнесеме пред граѓаните“, додаде Таравари.

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата посветена на стратешкиот дијалог со САД во однос на преговорите со Алијанса за Албанците изјави дека има добар прогрес во делот на програмските определби и кадровското екипирање.

„Се говори за преземање на одговорност во рамки на кадровскиот потенцијал на секој коалициски партнер, но и во делот на преземање одговорност во делот на учество во владиното мнозинство“, изјави Ковачевски, потенцирајќи дека целта на разговорите е проширување на европскиот капацитет на владината коалиција.

Ковачевски додаде дека во текот на денешниот и на утрешниот ден ќе имаат преговори со Алтернатива

„Се надевам дека ќе може да се постигне позитивен исход од тие разговори, со цел сите заедно да може да продолжиме со градење на коалиција што се залага за европска Македонија и ќе обезбеди влез на Северна Македонија во Европската унија до 2030 година“, порача Ковачевски.

Инаку, веќе неколку месеци траат најавите за можен влез на Алијанса за Албанците во Владата.

Владеење на правото и борбата против корупцијата приоритет на стратешкиот дијалог на Владата и САД

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска изјави дека Владата на претходната седница го усвоила планот за активности што произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД.

„Со ова го потврдуваме силниот сигнал дека САД се наш стратешки партнер и тоа за нас како држава е од голема важност“, изјави премиерот.

Тој додаде дека од големо значење е што американската администрација ги преземала сите неопходни чекори за земјава што поскоро да ги заврши преговорите со ЕУ. Според Ковачевски, дијалогот со САД ги опфаќа и актуелните безбедносни состојби, како и соработката на двете земји како НАТО партнери.

Зајакнувањето на билатералните односи со САД, како што посочи премиерот, значат модерни закони, безусловно независна борба против корупцијата и криминалот, праведно и правично правосудство, но и правна и економска безбедност на нашата држава.

Османи рече дека првата област на интензивирана соработка е владеењето на правото и борбата против корупцијата.

„Утврдивме и посебно поглавје во планот на активности што се однесува на имплементацијата на антикорупциската политика. Предвидени се активности што имаат за цел поддршка на судските реформи, преку споделување на стручно знаење, а се со цел зголемување на кредибилитетот и довербата во судството“, рече Османи.

Тој додаде дека е предвидено и зајакнување на соработката во областа на одбраната, сојузништвото во рамките на НАТО и другите безбедносни сегменти.

Северна Македонија е прва од земјите од Западен Балкан која отвори стратешки дијалог со САД, кој претставува надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора ново поглавје во билатералните односи, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.

Русија ја обвини амбасадата на САД за ширење лажни вести

Руското знаме до знамето на САД при седиштето на американската амбасада во Москва.

Русија побара од амбасадата на САД во Москва да престане со ширење на она што Москва го смета за лажни вести во врска со нејзината воена операција во Украина и се закани дека ќе ги протера американските дипломати, објави денеска новинската агенција ТАСС.

Цитирајќи висок извор од руското Министерство за надворешни работи, ТАСС соопшти дека до амбасадата на САД во Москва била доставена официјална нота во која се предупредува дека американските дипломати вклучени во, како што се наведува, „субверзивни активности“ ќе бидат протерани.

Руската инвазија во Украина започна на 24 февруари, минатата година. Новата американска амбасадорка во Москва, Лин Трејси, пристигна во главниот град на Русија минатиот месец. Според нејзината биографија, Трејси зборува руски, а претходно била амбасадор на САД во Ерменија.

Претходниот американски амбасадор во Русија, Џон Саливан, ја напушти Москва по истекот на неговиот мандат на 4 септември, минатата година, кога на негово место дојде Елизабет Руд, која ја презеде функцијата, до назначувањето нов амбасадор.

Пендиков ќе добие привремено живеалиште во Бугарија

Христијан Пендиков во болница откако беше претепан во Охрид.

Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков денеска на прес-конференција соопшти дека секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков во најбрз можен рок ќе добие бугарско државјанство. Пендиков по инцидентот во Охрид при кој се здоби со повреди со бугарски владин авион беше пренесен во Бугарија.

Милков најави и дека Пендиков ќе добие и времено живеалиште, додека престојува во Бугарија. Тој, според Милков, „се плаши за својот живот“ и затоа се размислува и опцијата да му се даде и лично обезбедување.

„Обидите за надградување и за смирување на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија всушност беа минирани од конкретни дејствија на властите во Скопје. Тоа се разбира, одбележува една нова уште пониска точка во нашите односи“, изјавил Милков за БТА.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.

Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.

Нова есклација имаше изминативе недели, кога група Бугари во Скопје, ја славеа Мара Бунева и скандираа дека Македонија е бугарска, а на 19 јануари беше претепан Пендиков. Бугарските власти во инцидентот видоа злосторство од омраза и напад врз Бугарите во Македонија.

Со силно полициско обезбедување помина и одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, на 4 февруари. Бугарската делегација положи цвеќе на гробот, а организирана група на бугарски државјани кои му се оддадат почит со часови чекаа на граница за да влезат на македонска територија, при што некои се вратија назад. Тројца од Бугарите беа приведени на границата за нарушување на јавниот ред и мир.

СЗО: Можно е 23 милиони луѓе да бидат погодени од земјотресите во Турција и Сирија

Околу 23 милиони луѓе би можеле да бидат погодени од земјотресите што ги погодија југоисточна Турција и северна Сирија, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), ветувајќи долгорочна поддршка. „Мапите на локацијата на земјотресот покажуваат дека 23 милиони луѓе се потенцијално загрозени “, рече претставникот на СЗО Аделхајд Маршанг на прес-конференција. Во серија земјотреси во Турција и Сирија загинаа повеќе од 5.000 луѓе, според новиот официјален биланс на загинати, додека спасувачките тимови и денеска се обидуваат да извлечат преживеани од урнатините.

„Ќе работиме тесно со сите партнери за да ги поддржиме властите во Турција и Сирија во критичните часови и денови што следат, како и во месеците и годините што следат, додека двете земји закрепнуваат и обновуваат“, рече претставникот. Според неа, СЗО ја активирала својата мрежа на тимови за итна медицинска помош со цел да се обезбеди основна здравствена заштита на повредените и најзагрозените.

Ердоган: тримесечна вонредна состојба во зоната на земјотресот во Турција

Жена прегрнува друга, во близина на урнатините по земјотресот во Хатај, Турција, 7 февруари 2023.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги прогласи за зона на катастрофа 10-те провинции погодени од разорните земјотреси во јужна Турција, воведувајќи вонредна состојба. Тој рече дека вонредната состојба ќе трае три месеци - што значи дека ќе заврши непосредно пред закажаните претседателски и парламентарни избори на 14 мај. Вонредната состојба, исто така, може да биде продолжена. Ердоган претходно прогласи вонредна состојба на национално ниво во јули 2016 година по неуспешниот воен удар.

Во говорот, Ердоган рече дека 70 земји понудиле помош во операциите за пребарување и спасување и дека Турција планира да ги отвори хотелите во туристичкиот центар Анталија, на запад, за привремено сместување на луѓето погодени од земјотресите. Тој рече дека бројот на загинати во Турција се искачи на 3.549 лица.

Нови дојави за бомби во 33 училишта во Скопје

Денеска околу 12.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронска адреса на 33 основни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Последните дојави за бомби во Скопје беа на 3 февруари. Претходно, дојави за поставени бомби беа кон крајот на минатата година кога беа евакуирани 20 училишта од кои 12 во Скопје и 8 во Куманово по новите закани за поставени бомби.

Од Министерството за внатрешни работи потоа изјавија дека по антитерористичките проверки било констатирано дека дојавите биле лажни. Првата лажна дојава за бомба на е- маил адреса пристигна на 26 октомври. На 9 октомври заканите освен кон училишта се проширија и кон јавни и приватни објекти како Транспортниот центар, трговските центри Ист Гејт и Бисер, зградата Флет Ајрон.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG