Достапни линкови

Неделници - Одлуката за „Монструм“ и поврзаноста на изборите и името


Архивска фотографија - Судење на обвинетите во случајот „Монструм“

Фокус ја анализа одлуката да се поништат пресудите за доживотен затвор во случјаот „Монструм“, а Капитал пишува за поврзаноста на локалните избори и името

Фокус - падот на „Монструм“ не е доволен да се погребе „сваровски“ судствто

Фокус во најновиот број ја анализира „неочекуваната и шокантна“ како што вели, одлука на државната обвинителка Лилјана Спасовска да побара од Врховниот суд поништување на пресудите доживотна робија за шестемина осудени за петкратното убиство кај Смиљковско езеро, дотолку повеќе што судијката колку до вчера седела до „озлогласениот фамилијарен кадија Марко Зврлевски и молчеше“.

„Падот на „Монструм“ не е доволен да го погребе „сваровски“ судството“, нагласува уште во насловот на анализата Фокус, наведувајќи низа елементи дека тоа може да се смета за класична политичка математика и дека помалку има врска со враќање на правната држава во Македонија.

Треба да се биде искрен и да се каже дека случајот „Монструм“ има свои етно-политички специфики, продолжува авторот на анализата, и барањето тој да се врати од почеток може да се должи и на неговата меѓуетничка и политичка употребна вредност. И Ахмети и Заев, десетина дена пред изборите, можеле, според неделникот, да се надеваат на натамошна поддршка на албанското гласачко тело, едниот сметајќи ја одлуката за свој успех, а другиот на продолжение на довербата кај Албанците, што е мошне важно за неговата мултиетничка, граѓанска агенда.

И, поентата на анализата во Фокус: Не е доволно само Албанците, во случаите кои се за нив важни, да стигнат до правдата. Фамилијарното судство ќе покаже дека колабира кога ќе има притвори за првите луѓе на Фамилијата, а не само за Едмонд Темелко, кој во кампањата може да му послужи на Груевски како адут дека „ете, новата власт апси македонски патриоти“, кога судиите ќе почнат да ги прифаќаат „бомбите“ како докази, кога ќе паднат пресудите или кога ќе се обноват судењата за стотиците монтирани судски процеси...

Капитал - Чиј референдум ќе успее?

За поврзаноста на локалните избори и името анализира Капитал, наведувајќи дека пролетната кулминација што се очекува ќе покажела дали е оправдан општиот оптимизам во врска со горливото прашање.

„Завршувањето, односно резултатот од локалните избори се чека за да се види чиј „референдум“ ќе успее – оној со кој СДСМ бара Македонија да избере по кој пат сака да оди, поточно – дали сака да продолжат промените, или е за враќање на ерата на Груевски, која, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ би сакал одново да ја воспостави по изборите на 15 октомври“, пишува Капитал.

Капитал додава дека „од резултатот на локалните секако ќе зависи и другата (поврзана) причина поради која се чека да завршат, односно можноста по нив да почне конкретен процес на отстранување на големата пречка за евроатлантските интеграции што не зависи само од Македонија – спорот за името со Грција“.

Неделникот го објавува и мислењето на професорот Тони Дескоски кој смета дека „е создадена позитивна атмосфера за преговори, а во такви услови, логично е процесот да се придвижи кон дефинирање на конкретната содржина на компромисното решение што треба да го постигнат двете земји. Напролет процесот би требало да доживее кулминација, по што или ќе се постигне компромис или повторно и оваа иницијатива ќе резултира со неуспех“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG