Достапни линкови

Обвинителката бара укинување на пресудите за Монструм


Архивска фотографија. Обвинетите и адвокатите на обвинетите во случајот „Монструм“ на јавната седница во Врховниот суд. 30.05.2017
Архивска фотографија. Обвинетите и адвокатите на обвинетите во случајот „Монструм“ на јавната седница во Врховниот суд. 30.05.2017

Обвинителство и одбраната во случајот „Монструм“ побараа укинување на пресудата на јавната седница во Врховниот суд. Пресвртот во овој случај доаѓа откако обвинителката по излагањето на одбраната истакна дека Врховниот суд треба да ги прифати жалбите на одбраната за пресудата, поради неутврдена фактичка состојба во предметот.

Осудените за петкратното убиство кај Смилковско Езеро кое се случи пред повеќе од 5 години, денеска бараа од Врховниот суд да ја укине пресудата на Основниот суд Скопје 1, според која, ќе треба доживотно да останат во затвор. На ова барање се приклучи и јавната обвинителка во овој предмет Лилјана Спасоска, која е и актуелен в.д. шеф на државното јавно обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски. Таа побара укинување на првостепената и второстепената пресуда и враќање на предметот на повторно судење. Барањето на јавниот обвинител е поради неутврдена фактичка состојба, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои би можеле да го сменат текот на постапката.

Таа во излагањето истакна дека отсуството на сознанија од прислушуваните материјали, кои не ги добиле од СЈО, оневозможува правична и правилна оценка на доказите. На денешната јавна седница во Врховниот суд, за случајот познат во јавноста како Монструм, каде се разгледуваат жалбите за пресудата, одбраната на осудените обвини дека станува збор за монтиран случај.

Одбраната смета дека е нелогично за лица за кои како што тврди нема директни докази дека извршиле некакви дејствија да се осудат за соизвршителство. Адвокатите на осудените на почетокот на нивното излагање пред судиите посочија дека обвинетите ја негираат вината и оти бараат укинување на пресудата.

Според адвокатот Ѓорѓи Настевски, во судската постапка не биле понудени силни докази кои би можеле да ги поврзат неговите клиенти со настанот, а судот не дал образложение од кои докази го извел заклучокот дека тие заговарале убиства неколку дена пред настанот на Смилковско Езеро.

„Не постоеше ниту еден непореден доказ кој би укажал на евентуална вина на обвинетите, туку пресудата е донесена само врз база на индиции“, изјави Настевски пред петчлениот судски совет.

Неговиот колега Насер Рауфи, пак, обвини дека случајот Монструм е класичен монтиран предмет.

„Јасно ни е дека на многу наивен и привиден начин е направено монтирање на обвинението за случајот, а потоа и на пресудите преку загрозениот сведок 1 за кој искрено се сомневам и дека е вистински и дека тој човек постои, како и преку возилото Опел омега за кое не ни беше дозволено да направиме увид и преку вештачењето на доказите“, изјави Рауфи пред врховните судии.

Тој објаснуваше дека загрозениот сведок имал на увид 50 тина фотографии од кои како еден од осомничените го посочил лицето за кое тој барал да биде донесен како сведок, но тоа не се случило. Рауфи истакна дека во сведоците имале контрадикторни изјави, особено поради фактот дека тоа се посредни сведоци, кои не го виделе извршувањето на убиството.

Судијата известитител за овој предмет Џемаили Саити, со читањето на пресудите и одлуките на Кривичниот и Апелациониот суд, потсети на обвинувањето, поради кое, шестмината осудени добија доживотна казна затвор. Според пресудата, директни извршители на петкратното убиство биле браќата Агим и Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, додека Хаки Азири бил задолжен за транспортот, а задачата на Сами Љута била бирањето на локацијата и давање логистика, а Фејзие Азири го организирал бегството на браќата.

Во пресудата е наведено дека осудените, кривичното дело тероризам го планирале подолго време и дека со него сакале да предизвикаат страв и несигурност кај населението. Во обвинението се наведува дека Смилковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото, па нему му бил познат теренот.

Петкратното убиство кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на празничниот ден Велики четврток. Тогаш беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Роднините на убиените, по петгодишниот помен изјавија дека се сомневаат во политички пазарења и дека во тоа биле вмешани одредени функционери. Таквите сомнежи тогаш посочија дека ги темелат на ветувања од политичари кои јавно тврдеа дека во Специјалното јавно обвинителство има докази и прислушувани разговори кои ќе ја откријат вистината за смртта на нивните најблиски.

Незадоволството од текот на судењето и од висината на изречените затворски казни пред две години се прелеа на улиците, па роднини и пријатели на осудените со денови протестираа пред Основниот суд Скопје 1, а некои од демонстрантите, поради насилство, завршија в затвор.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG