Достапни линкови

ФИФА ја казни Албанија поради национализам на мечот против Македонија


Навивачите на Албанија на квалификацискиот натпревар за светското фудбалско првенство во 2018 меѓу Македонија и Албанија во Струмица на 5 септември 2017 година

Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) и изрече парична казна на Фудбалската федерација на Албанија, поради низа националистички и политички скандирања на албанските навивачи на мечот против Македонија.

Албанија заработи казна од 30 илјади швајцарски франци како и дополнителна опомена поради албанскиот национализам, политичките скандирања и палењето на пиротехника за време на гостувањето во Струмица против Македонија во квалификацискиот натпревар за Светското првенство 2018 година во Русија, кој заврши без победник 1:1.

Во Струмица имаше околу 300 навивачи на Албанија, кои речиси во текот на целиот меч неспортски и недолично се однесуваа, со бројни националистички скандирања, од типот „Илирида“, „УЧК“, „Голема Албанија“, како и со употреба на запаливи предмети, што пак предизвика доцнење на старт на полувремето.

Казна заработи и Фудбалската федерација на Македонија во висина од 5 илјади швајцарски франци и опомена.

Дисциплинската комисија на ФИФА ѝ изрече опомена и на израелската федерација за мечот во Хаифа против Македонија и тоа за фрлање тврди предмети.

XS
SM
MD
LG