Достапни линкови

Анкара најавува низа мерки поради референдумот во Ирачки Курдистан


Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека поради денешниот референдум за независност во Ирачки Курдистан, Анкара ќе преземе политички, економски, трговски и безбедносни мерки. За Турција, референдумот е неприфатлив сепаратистички чекор во овој момент.

Ердоган се закани дека ќе го стопира извозот на нафта од Ирачки Курдистан преку територијата на Турција.

„Вентилот е кај нас, готово е кога ќе го затвориме“, истакна турскиот претседател.

Ердоган, исто така наведе и дека турската армија во моментот одржува воена вежба на границата со Ирак и е подготвена да преземе „неопходни мерки“.

Тој додаде и дека ќе биде затворен граничниот премин Хабур за влез и за излез.

Во меѓувреме, турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека Турција размислува да го затвори воздушниот простор, како и границата со Ирачки Курдистан. Тој додаде дека Анкара добила официјално барање од Багдад за затворање на воздушниот простор (за северен Ирак) и за затворање на границата.

Јилдирим најави дека Анкара ќе почне сериозен дијалог со Багдад со цел да се почитува централната Влада како легитимна власт, да ги контролира граничните премини, аеродромите и трговијата со нафта во курдскиот регион.

XS
SM
MD
LG