Достапни линкови

В понеделник почнува кампањата за локалните избори


Архивска фотографија: Гласање во Битола

В понеделник, 25 септември, почнува изборната кампања за локалните избори што треба да се одржат на 15 октомври годинава.

Кампањата за првиот изборен круг завршува на 13 октомври во 24 часот. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври. Изборната кампања за вториот круг завршува на 27 октомври во 24 часот.

Избирачкиот список ќе биде заклучен најдоцна до 24 септември.

Со ждрепка во Државната изборна комисија беше утврден редоследот на кандидати на гласачките ливчиња. Кандидатот за градоначалник и листата која го предлага ќе имаат ист реден број. Ако некоја партија не се кандидира во одредена општина, тој број на гласачкото ливче ќе биде прескокнат. Возможно е на пример на гласачкото ливче да ги има само броевите 3, 13 и 19.

Листи со кандидати за градоначалници и за советници имаат поднесено 19 партии и коалиции, а 64 се од групи избирачи.

Шестите локални избори во Македонија ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.

XS
SM
MD
LG