Достапни линкови

Поранешниот шеф на кампањата на Трамп му нудел информации на руски олигарх


Поранешниот шеф на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт.

Поранешниот шеф на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт, му понудил информации за напредокот на кампањата од ланските претседателски избори на рускиот олигарх Олег Дерипаска, кој има блиски врски со Кремљ, објавија вчера медиумите.

„Ако ви требаат приватни брифинзи, може да го средиме тоа“, пишува Пол Манафорт во електронска пошта до посредникот меѓу него и рускиот алуминиумски магнат.

Вашингтон Пост и Асошиејтед Прес објавија дека портпаролот на Манафорт ја потврдил имејл преписката, но вели дека немало никакви брифинзи. Портпаролот Џејсон Малони вели дека преписката е безопасна и оти била дел од напорите на Манафорт да си наплати пари од клиентите кои му должеле.

Весникот Вашингтон Пост објави дека Манафорт му пишал на неговиот поранешен вработен Константин Килимник, со кого работел заедно на политички консалтинг во Украина. Тој побарал од Килимник да му понуди приватни брифинзи на Дерипаска, но не е утврдено дали пораката стигнала до олигархот. Имејлот бил испратен околу една недела пред Републиканската национална конвенција во јули 2016 година, на која Трамп беше избран за партиски кандидат за претседателските избори. Во тоа време, Манафорт ја води кампањата на Трамп.

Медиумите објавија дека овој имејл е еден од десетиците илјади документи предадени на Специјалниот советник во Министерството за правда, Роберт Милер, кој заедно со неколку конгресни комисии ги истражува врските меѓу Русија и кампањата на Трамп. Засега нема коментар од Милер.

Асошиејтед прес во март објави дека пред да почне да работи на кампањата на Трамп, Манафорт тајно работел за Дерипаска и му понудил политички консалтинг во Источна Европа, кој би можел да биде „од голема корист за владата на Путин“.

Русија постојано негира вмешаност во американските избори, а претседателот Трамп дека немало соработка меѓу неговата кампања и Москва.

XS
SM
MD
LG