Достапни линкови

Политичарите никогаш не одмораат


Премиерот Никола Груевски во посета на Дојран, 2013.
Премиерот Никола Груевски во посета на Дојран, 2013.

Македонските политичари кријат каде ќе летуваат и колку пари ќе потрошат за годишниот одмор. Тие не сакаат да остават слика во јавноста дека се расипници, туку дека вредно работат, плашејќи се дека информацијата за летувањето може негативно да влијае на нивната популарност.

Македонскиот политичар никогаш не одмора, тој 24 часа бдее над судбината на напатениот народ, неуморно работи на подигнување на животниот стандард, отпишува долгови, надгледува изградба на автопатишта, вредно си го заработува лебот. Тие работат и само работат, а за одмор ниту помислуваат. Доколку само се осмелите да прашате кој, каде, колку време ќе летува, и недај боже колку пари ќе потроши за летување, како да сте направиле грев, оти нашите властодршци не се расипници.

Втората причина е што ние сме во една специфична ситуација во која локацијата на одморот на политичарите влијае на нивното политичко портфолио. На пример јас сум сигурен дека за политичарите од актуелната власт би било малку проблематично да кажат дека одат на одмор во Грција.
Петар Арсовски, политички аналитичар.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека политичарите сакаат да остават впечаток дека цело време работат, а второ се многу претпазливи во откривањето на дестинацијата, оти тоа може да им донесе негативни поени.

„Некаков политички маркетинг е дека тие работат нон-стоп, не се одмараат и целото свое време им го посветуваат на граѓаните, како да е срамота луѓето да се одморат. Тоа е првата причина. Втората причина е што ние сме во една специфична ситуација во која локацијата на одморот на политичарите влијае на нивното политичко портфолио. На пример јас сум сигурен дека за политичарите од актуелната власт би било малку проблематично да кажат дека одат на одмор во Грција, имајќи предвид дека конкретната политичка ситуација меѓу Македонија и Грција ќе влијае на нивната политичка агенда и на нивните политички ставови.“

Не сакаат да генерираат некаков револт кај граѓаните кои се помалку и помалку можат да си дозволат да одат на годишни одмори, а камоли да одат во странство.
Алберт Муслиу, политички аналитичар.

Политичарите се претпазливи да ги наведат како дестинација за летување и останатите земји од околината, оти Македонија ги нема расчистено до крај односите со поголемиот дел од своите соседи, додава Арсовски. Ако наведат некоја подалечна дестинација, тоа може да се сфати како луксуз, вели тој.

Политичарите не сакаат да го откријат времето и местото за одмор поради тешката економска криза во која се наоѓаат граѓаните, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

„Не сакаат да генерираат некаков револт кај граѓаните кои се помалку и помалку можат да си дозволат да одат на годишни одмори, а камоли да одат во странство. Политичарите нема зошто да кријат, затоа што секој во рамките на својата семејна економија ги прави своите приоритети, дали ќе оди на одмор, или ќе купи телевизор или нема да купи, тие самите треба да си предодредат.“

Незастапеноста на премиерот во медиумите деновиве, може да значи дека е на годишен одмор, но вообичаено за него е да не се соопштува на јавноста местото и времето кога тој здивнува од обврските. Иако тој и министрите имаат законско право на одмор, тие со години не одат на класичен одмор, или барем не ја информираат јавноста за тоа.

Македонските политичари сè уште се алергични на нивната приватност, вели Арсовски.

„Не сфаќаат дека нивната приватна агенда и тоа како влијае на нивниот политички имиџ, така што се уште ги кријат своите приватни финасии и своите приватни аранжмани. Мислам дека тоа релативно брзо ќе се смени, тој тренд секаде во светот, политичарите не кријат каде одат на одмор и колку трошат за истиот бидејќи нивата лична агенда влијае на политичкиот профил и мислам дека тоа време ќе дојде и кај нас.“

Муслиу вели дека политичарите повеќе внимаваат на јавниот имиџ, отколку што сакаат да ја сокријат приватноста.

За разлика од нашите, европските и светски политичари постираат слики од одмор, а притоа нивните кабинети соопштуваат колку пари потрошиле лидерите за летување. Ако ги прашате нашите политичари за одмор, ќе ви речат „уште не сум одлучил каде“, „ако одам тоа ќе биде само продолжен викенд или само краток одмор“, „може ќе одиме до Охрид, или некаде блиску“. Слично со нашите се и српските политичари и тие работат постојано, без време за одмор, така српскиот премиер Александар Вучиќ рече дека ќе одмори еден викен и сам ќе ги сноси трошоците за истиот. Американскиот претседател Барак Обама пак, отиде на одмор и тоа две недели, соопшти Белата куќа. Според портпаролот на Белата куќа, започнатите воздушни напади на Ирак засега не се причина за одложување на одморот на претседателот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG