Достапни линкови

ММФ предвидува економски раст од 1,9 отсто и инфлација од 1,2 отсто


Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, што од 6 до 18 септември годинава спроведе годишен преглед на македонската економија, очекува по забавување на реалниот раст на БДП на 2,4 проценти во 2016 година тој да се ублажи до 1,9 отсто во 2017 година, а инфлацијата да достигне 1,2 отсто, со што ќе заврши тригодишната дефлација.

" Продолжената политичка неизвесност го зеде својот „данок” врз економскиот раст, преку страдање на инвестициите поради слабите одлуки. Формирањето на новата Влада означи важна пресвртница. Политиките сега треба да се фокусираат на обновата на фискалната политика и спроведувањето на критичните реформи за повторно оживување на растот и да се направи нов притисок кон изгледите за пристапување кон ЕУ, се вели во завршната изјава на Мисијата на ММФ по член 4 за 2017 година.

Извештајот оценува дека среднорочната перспектива е поволна во зависност од континуираната политичка стабилност и силната надворешна побарувачка.

Според Мисијата на ММФ, во отсуство на трајни мерки за консолидација, фискалниот дефицит се очекува да се прошири и јавниот долг да порасне.

Во Министерството за финансии денеска се одржа завршниот состанок со тимот на ММФ кој престојуваше во земјата. На состанокот присуствувал тим на Министерството за финансии, предводен од министерот Драган Тевдовски, како и гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

XS
SM
MD
LG