Достапни линкови

Прибе со предупредување до власта за судството


Рајнхард Прибе

Во последниот извештај на експертската група на Рајнхард Прибе објавен денеска на страната на ЕК во однос на судството во Македонија се наведува дека контролата и злоупотребата на судскиот систем од страна на мал број на судии на моќни позиции со цел да им служат и да ги промовираат политичките интереси не е намалена на некој значаен начин. Тие судии, како што е наведено, продолжиле да вршат притисок врз нивните помлади колеги преку контролата врз системот на назначување, евалуација, промоција, дисциплина и отфрлање кое се користело за награда на послушниците или казнување на оние кои се спротивставувале.

Таа пракса е опишана како еден вид на киднапирана држава, но според извештајот, попрецизно се карактеризира како заробување на судството и прогон од извршната власт. Постои опасност, како што се посочува во извештајот, дека некои личности во новата власт може да бидат во искушение, под изговорот да делуваат против прекршителите да ги сменат судиите кои неправедно се однесувале со другите посакувајќи да делуваат врз нив на сличен и неприфатлив начин. Сугестиите дека судството треба да биде исчистено, според извештајот, од тие причини не се прифатливи.

Во однос на градењето доверба во извештајот е посочено дека довербата треба да се обнови. Постои широко распространета перцепција во земјата дека во последните години, одлуките беа политизирани, дека партиите ја презедоа сопственоста врз државата, а носителите на функции имаа судир на интереси и го измешаа мандатот со партиската и личната агенда. Јавноста мора да си ја поврати довербата дека сите државни институции и јавни тела работат во јавен интерес, во рамките на своите мандати, почитувајќи го законот и во сооднос со високите етички и други професионални стандарди, стои во извештајот. Експертската група ја посети Македонија во јули.

XS
SM
MD
LG