Достапни линкови

Странските инвестиции и законот за јазици - топ тема во медиумите


Прес-конференција на портпаролот на Владата Миле Бошњаковски
Прес-конференција на портпаролот на Владата Миле Бошњаковски

Медиумите ја пренесуваат веста дека од државниот буџет биле издвоени 225 милиони евра за странските фирми. Пишуваат и за расправата за законот за јазици, корупцијата, рејтингот на партиите.

Владата ги декласифицира договорите со странските инвеститори, па јавноста дозна дека од наши пари што сме ги давале за даноци, за изминатите 10 години „сме платиле по 11.000 евра за работник во странска фирма“. Нова Македонија, заедно со овој наслов, го цитира портпаролот на Владата дека вкупно од државниот буџет биле издвоени 225 милиони евра за странските фирми кои вработиле 20 илјади лица, но тоа не биле новоотворени работни места за невработени туку преземени од стопанството.

Вечер побенигно ја пренесува веста: „Во странските инвеститори државата вложила 225 милиони евра, по 11 илјади за работно место“ додавајќи дека новата Влада одлучила договорите со странците да важат и тие и понатаму да добиваат државни пари. Истиот весник ја објавува и реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ: „Со неточни податоци, СДСМ ја дефокусира јавноста“ од економските резултати кои, според опозициската партија, биле очајни.

Слободен печат информира дека премиерот Заев и заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања, Анѓушев, пред претставници на 150 домашни и германски компании промовираа „Програма за нови инвестиции“ и најавија поддршка за постојните инвестиции.

Вечер наслови: „Законот за јазиците повторно ги скара пратениците“ без да наведе дека 50-те пратеници од опозицијата ја окупираа говорницата насилно барајќи од Џафери да даде пауза. Нова Македонија наслови: „Одбиено барањето за повлекување на Законот за јазиците од дневен ред“. Истиот весник објави дека претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски ѝ забранил на Комисијата при Советот за утврдување факти да направи увид во списите на предметите „Таргет - Тврдина“, со кои се обвинети високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот премиер Груевски и дека „Советот за факти ќе бара кривична одговорност за Вангеловски“.

Порталот Курир.мк со извичник во насловот пишува: „Корупцијата во Владата цвета!“ обвинувајќи го Заев дека, како што пишува, „собира добробити само за своето семејство“ и Анѓушев дека „добива криминален тендер од државата во вредност од 2,6 милиони евра, а Заев го поддржува“.

Нова Македонија и Слободен печат информираат: „Поранешната директорка на скопскиот Центар за вработување, Слободанка Алексовска незаконски трошела на државна сметка“, наведувајќи дека за сметка на Центарот купувала машки чорапи, козметика, млеко за тело, смоки, цигари, кашкавал и јајца од јапонска потполошка, свежа риба лосос....

Слободен печат наслови: „Се случи и трансферот на предизборието – Од Центар во центар – во СДСМ и во Владата“, информирајќи дека Жерновски ја откажал кандидатурата за градоначалник на Центар. Порталот Фокус.мк ја пренесува анкетата на ТВ Телма и на МЦМС според која „СДСМ за прв пат е со поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ“. Според анкетата, пораснат е и рејтингот на Заев во однос на паднатиот рејтинг на Груевски. Како контра, Вечер веднаш објави анкета на „Павел Шатев“ според која ВМРО-ДПМНЕ имала поголема доверба од СДСМ – над 26 проценти спрема 18,9 отсто.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG