Достапни линкови

Заев: Дадениот збор со конкретни придобивки за граѓаните


Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Влада, дава отчет за сработеното во првите 100 дена на власт.

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција по повод 100 дена од Владата истакна дека имале пет важни одредници и ги воделе пет важни принципи. Тие според него се однесувале на враќање на парите кај граѓаните, обезбедување економски развој за подобар живот, институциите да бидат во служба на граѓаните, а во сите нивни одлуки граѓаните да препознаваат отворена и реформска Влада и да ја промовираат Македонија како пријател на соседите, која цврсто чекори на патот кон НАТО и ЕУ.

„Зборот сега е реалност. Дадениот збор се претвори во конкретна придобивка. Оваа Влада е влада на граѓаните и на нивните интереси. Ги препознавме тие интереси и креираме најдобри решенија за нив. Уште повеќе решенијата стануваат реалност, преточени во мерки од полза на граѓаните кои во исто време се инспирација за нови потфати“, истакна Заев.

Тој посочи дека имале предизвик да направат ребаланс на буџетот и нивна задача била да ги лоцираат непродуктивните трошоци и да најдат начини парите да ги пренасочат кон граѓаните и компаниите.

Заев порача и дека со планот 3-6-9, Македонија се нашла на брза трака во евроинтеграциите и станала земја која оди цврсто кон ЕУ и НАТО. Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, според него, покажал дека со политичка волја прашањата може да се решат. Владата, како што рече, води политика на решенија, а не на проблеми и тој став е втемелен во односите со Грција. Во спорот со името, според Заев има поголеми перспективи и е направен исчекор, при што очекува нови решенија од медијаторот Метју Нимиц по што заедно со опозицијата ќе пристапат кон решавање на проблемот и прашањето потоа ќе биде ставено на референдум.

Во однос на Предлог-законот за јазиците, тој посочи дека тоа е последното отворено прашање од Рамковниот договор, но дека и понатаму треба да се води грижа за еднаква застапеност на заедниците. Заев порача и дека предлог законот е со европско знаменце, бидејќи е дел од планот 3-6-9, а е и во согласност со европските закони.

XS
SM
MD
LG