Достапни линкови

Мистичните фотоприказни на Мимоза Велиу во Чифте амам


Фотографија на Мимоза Велиу
Фотографија на Мимоза Велиу

Од 5 до 29 септември, во Чифте амам, во Националната галерија на Македонија, ќе се одржи изложба на уметничка фотографија на Мимоза Велиу, фотографка и кураторка која долги години години живее и работи во Берлин, а изложувала и во Њујорк, Минхен, Виена, Тирана и во Приштина.

„Мимоза со својот апарат прави уникатни фотографии, кои по својот стил бараат време убаво да се погледнат. Таа ја зачувала посебноста на нејзината уметност во создавањето на тој вид на експресионизам, кој со или без интенција те носи кон името на авторката.“

Ова во својот осврт за творештвото на Мимоза Велиу ќе го забележи Елса Демо, новинарка во албанската редакција на информативниот сервис ABC NEWS.

Шклзен Малиќи, косовски филозоф, политички аналитичар и уметнички критичар, во текстот за изложбата на фотографката, меѓу другото ќе напише:

„Спорот на личниот идентитет можно е да се спореди со тој на Икар, или пак на Исус, но Мимоза го доловува токму најнеопределениот момент, најдуалниот, најхипотетичен, најотворен... тргнувајќи од родната сензибилизација на жената, која во поголемиот дел од овие фотографии ја oтелотворува тензијата на распнувањето на една димензија која засекогаш останува мистична.“

А тиранскиот графичар и универзитетски професор Шпенд Бенгу за Велиу смета дека „и пркоси на технологијата“. Дека постојат многу уметници чии фотографии се дело на моќта на технологијата, но дека фотографиите на Мимоза извираат од душата.

Од своја страна, пак уметницата говорејќи за сопствените пориви знае да каже дека преку фотографијата сака да ги прикаже човековите духовни хоризонти, човековата перцепција и животот во општеството.

„Преку фотографијата сакам да ги прикажам човековите духовни хоризонти, човековата перцепција и животот во општеството. Затоа сите мои дела се различни и секоја фотографија е приказна за себе“, вели таа.

Фотографката Мимоза Велиу.
Фотографката Мимоза Велиу.

Родена 1979 година во Република Македонија, Мимоза Велиу е фотографка и кураторка која деценија и половина живее и твори во Берлин. Преку студиото и нејзината галерија JAMMIN таа во заеднички концепт ги поврзува комерцијалните и уметничките фотографии.

Освен во германската (суб)културна метропола, Мимоза со успех се има претставувано и во Виена, Њујорк, Минхен, Тирана, Тетово, Приштина ...а во 2008 година беше добитник на првата награда за уметничка фотографија од Националната галерија на Косово.

„Во Германија заминав да студирам пред повеќе од 15 години. Претходната страст ми беше поезијата. Барајќи начин да се изразам на полето на уметноста ја започнав потрагата по медиум преку кој без зборови ќе можам да ги претставам моите уметнички размислувања. Така фотографијата стана мојот предизвик“, појаснува Мимоза.

За неа интересно е и тоа што подеднакво е успешна и како кураторка, та затоа не чуди кога истакнува дека во перидов што следува малку повеќе ќе му се посвети на еден таков проект кој можеби за малку подолго ќе ја одвои од фотографијата. Станува збор за изложбата на нејзината колешка и фотографка од Берлин – Јулија Румље што е планирано да и биде претставен на тамошната публика на крајот на септември.

„Работејќи како кураторка со интернационални творци се помалку време имам за мојата уметност. Но им се радувам на ваквите проекти, затоа што знам дека ова е период на акумулација на идеите за моите идни концепти“, истакнува Велиу.

Таа во Чифте амам, во Национална галерија на Македонија, од 5 до 29 септември, се претставува со триесетина фотографии во рамките на својата постановка едноставно насловена како „Уметничка фотографија“.

Со истиот концепт на мистични визуелни атракции има намера да го предизвика вниманието на љубителите на фотографијата во Тирана и во Приштина, па не е исклучено со три последователни изложби да го заокружи сопственото актуелно уметничко патешествие во земјите од регионов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG