Достапни линкови

Влажните марамчиња – смрт за канализацијата


Илустративна фотографија: Поплави во Скопје на 31 јули 2014

Хигиенските влошки и влажните марамчиња кои граѓаните ги фрлаат во канализација се главните причини за затнување. Ова се материи кои не се распаѓаат.

Односот на граѓаните на Куманово, кон канализациониот систем е за пообемна анализа. Секојдневно во Пречистителната станица за отпадни води, единствена во функција во државава, се случуваат непријатни изненадувања, како што се дефекти на пумпи и машини, од сето она што не треба, а се фрла во мрежата, вели Горан Стојковски директор на ЈП „Водовод“.

„Влошки, влажни марамчиња, верувале или не, најдовме дури и едно прасе кое најверојатно мртво е фрлено во канализациона мрежа. Особено имаме проблем со влажните шамивчиња кои кога се фрлаат во канализација не се распаѓаат, туку се собираат и создаваат една маса која пропелерот не ја пробива. Само од влошките и шамивчињата кои несовесни граѓани ги фрлаат во канализациона мрежа месечно имаме од 250 до 300 илјади денари штета за отстранување на дефектите на нашите машини“, вели Стојковски.

Пречистителна станица во Куманово
Пречистителна станица во Куманово

Некои од запрашаните граѓани сметаат дека сето она што ќе се фрли во канализацијата водата ќе го однесе, исто како што и речните корита стануваат депонии. Некои пак велат дека не знаат дали оние кои фрлаат се неодговорни, несовесни или неупатени, а голем дел и не знаат дека постои пречистителна станица.

„Влажните марамчиња никако не би требало да се фрлаат во канализацијата. Јас тоа не го правам, но некои си кажуваат дека фрлаат по некое шамивче, по некоја влошка и дека мислат дека не би требало да се затне канализацијата.“

„Не да не треба да се фрлаат, туку никако не треба да се фрлаат. Сите ние сме корисници на сите тие канализациони услуги и сакаме да функционираат, а како ќе функционираат ако не сме внимателни и самите не допринесуваме во тоа“, велат анкетираните кумановци.

Стојковски посочува дека и атмосферската вода од олуци не треба да се приклучува кон фекалната канализација, а има такви појави.

„Затоа што профилот на фекалната канализација не дозволува толкаво количество вода да биде примено и доаѓа до поплава на домови, а од тврдите материи се создава огромен проблем за функционирање на Пречистителната станица, единствена во функција во државава“, вели тој.

Поради функционалноста на оваа Пречистителна станица добиен е грант од 4,5 милиони евра за реконструкција на 22 километри канализациона мрежа бидејќи таа изискува многу финансиски и технички потреби за да функционира. Доколку односот кон неа е несовесен, ќе има проблеми со загадување на реката Пчиња и на загрозување на животната средина воопшто.

Стојковски додава дека европските фондови веќе не даваат средства за канализациони или водоводни мрежи доколку нема Пречистителна станица. Куманово пред десетина години го има направено тој исчекор. Инаку, работата на оваа станица годишно чини повеќе од два милиона евра.

„Огромни се средствата за потрошена електрична енергија, бидејќи моторите и пумпите непрекинато работат, потреба од хемикалии, преработка на милта која се добива“, вели тој.

Освен помошта која преку проекти се добива од швајцарската амбасада, Стојковски се надева дека и новата влада ќе има сенс за помагање за полесно функционирање на станицата.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG