Достапни линкови

Влада – Не носиме избрзани заклучоци за повлекувањето на српските дипломати


Владата соопшти дека е посветена на градење добрососедски односи со Република Србија, но и оти Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји.

„Новата Влада на Република Македонија е цврсто посветена и презема интензивни чекори во насока на решавање наспроти создавање проблеми, унапредувајќи ги добрососедството, соработката и партнерството со Република Србија, како и со другите земји од опкружувањето. Убедени сме дека тоа е единствениот начин регионот одлучно да зачекори напред“, се наведува во соопштението од владата.

Србија вчера ги повлече дипломатите од амбасадата во Скопје на консултации. Претседателот Александар Вучиќ и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ рекоа дека персоналот на амбасадата е повлечен поради „офанзивно разузнавачко делување“ во кое „бил присутен и странски фактор“. Тие најавија дека по консултациите во Белград, наредната недела, персоналот од амбасадата ќе се врати во Скопје и оти „ќе продолжат да ги развиваат пријателските односи меѓу Белград и Скопје“.

Македонската влада соопшти дека во врска со конкретниот случај не носи избрзани заклучоци и ги поздравува најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки.

XS
SM
MD
LG