Достапни линкови

Рамковниот договор злоупотребен за партиски интереси?


Архивска фотографија: Вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика и премиерот Зоран Заев во Охрид

Во услови на огромна партизираност, Рамковниот договор, наместо за рамноправност, служи како изговор за вработување на партиски војници од албанскиот коалиционен партнер во власта.

Наместо основа за граѓанска рамноправност, во изминативе години Охридскиот рамковен договор стана инструмент на партизирани односи и партиски списоци за вработување, анализира професор Мерсел Биљали, во пресрет на 16-годишнината од потпишувањето на овој документ. Професор Биљали вели дека од нормативен аспект многу е имплементирано, меѓутоа во практичниот дел многу од договорот останал неспроведен, а за тоа вината му ја препишува на албанскиот политички субјект.

„Наша рак рана е партизацијата на институциите и на општеството како целина и наместо Рамковниот договор да стане инструмент на една граѓанска рамноправност на луѓе со еднакви можности, стана инструмент на партизирани односи и партиски интереси каде што политичките партии знаеја да направат списоци кој каде ќе се вработи, дали ќе се вработи. Практично тоа се рефлектира во севкупниот јавен живот. Значи не само што сме имале партизирана администрација, партизирано судство, туку реално создаде тешка граѓанска дискриминација и најдискриминирани станаа луѓето кои не припаѓаат на ниедна политичка партија“, вели професор Мерсел Биљали во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Искуството покажува дека во ситуација кога не можат да се понудат реални остварувања на вистинските потреби на граѓаните, овој документ се злоупотребувал со цел добивање на лесни политички поени, смета професорката Мирјана Најчевска. Причината поради која тоа се случувало е што со истиот не се постигнува граѓанинот да биде во основа на остварувањето на правата и слободите, туку колективитетите, иако договорот како таков се базира на граѓанскиот елемент.

„Охридскиот рамковен договор мораше да престане да постои како извор на право во моментот кога беа направени уставните промени. Од тој момент уставните промени се тие коишто треба да влечат понатамошни законски и подзаконски промени, а рамковниот договор да остане нешто како договор од историјата кој бил направен со цел добивање на мир во момент на конфликт“, изјави Најчевска.

Таа заклучува дека во моментот кога основата на договорот е ставена во Уставот и уставните измени нема потреба од неговото постоење, особено пак од постоење на посебен оддел кој се занимава со спроведување на овој договор. Сепак, според Најчевска, постои потребата од натамошно спроведување на законски промени.

Биљали, пак, додава дека и покрај сите обиди на политичарите да го користат договорот ,според тоа, како им одговара во одредена политичка ситуација, граѓаните сепак излегле поразумни од нивните водачи и успееле да го сочуваат соживотот и да ги развиваат меѓуетничките односи на коректно ниво.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG