Достапни линкови

Растат тензиите меѓу САД и Северна Кореја


Северна Кореја денеска соопшти дека „внимателно ги испитува“ плановите да изведе ракетен напад врз Гуам, американски остров на Пацификот. До ова дојде само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Пјонгјанг дека секоја закана ќе биде пресретната со „оган и бес“.

Севернокорејскиот режим соопшти дека негова цел е да развие ракета која може да носи нуклеарни боеви глави и која може да достигне до американска територија.

„Напад со ракета од среден дострел би можело да биде изведен врз Гуам во секој момент откако за тоа ќе донесе одлука лидерот Ким Џонг Ун“, соопшти претставник на севернокорејската Народна армија.

Гуам е клучна база на Соединетите Држави од каде што би можеле да извршуваат воени мисии во Азија.

Северна Кореја ги обвини САД дека подготвувале предупредувачка војна која би можело да прерасне во целосна војна во која ќе бидат, како што се наведува, „збришани сите упоришта на нашите непријатели, вклучувајќи ги и оние на американско копно“.

Претходно, претседателот Доналд Трамп го предупреди Пјонгјанг на ужасни последици поради заканите кон Соединетите Држави.

„Северна Кореја е најдобро веќе да не им се заканува на Соединетите Држави. Тие ќе се соочат со оган и бес какви што светот никогаш не видел“, рече Трамп.

Тревогата во Вашингтон поради нуклеарната програма на Пјонгјанг се зголеми по двете успешни проби на интерконтинентални ракети минатиот месец.

Американските разузнавачи во доверлив извштај деновиве оценија дека Северна Кореја успешно произвела смалена верзија на нуклеарна боева глава која може да биде сместена на севернокорејските ракети.

Со, тоа како што се оценува, Пјонгјанг го минал клучниот праг на патот кон статусот нуклеарна сила.

Американската одбранбена разузнавачка служба заклучи дека Ким Џонг Ун сега поседувал 60 нуклерани боеви глави.

Во уште еден обид да го запре развојот на севернокорејската нуклеарна програма Советот за безбедност на Обединетите нации на 5 август воведе нови санкции врз Пјонгјанг.

Севернокорејскиот режим ги оцени како удар врз суверенитетот и предупреди и предупупреди дека е подготвен да му даде „тешка лекција“ на Вашингтон.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG