Достапни линкови

Владата прогласи кризна состојба во Македонски Брод и Чашка поради пожарите


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Владата на вечерашната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во подрачјето на општините Македонски Брод и Чашка каде што веќе неколку дена има активни пожари, соопшти вечерва вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Кризната состојба ќе трае 30 дена.

„Оваа одлука е донесена со цел да можат во координирана акција сите институции на Република Македонија да делуваат на состојбата за справување со пожарите и на еден поефикасен начин да се одговори на оваа ситуација, бидејќи гледаме дека во наредниот период ќе имаме временски услови со високи температури, а со тоа и можност за ширење на пожарите. Ова е една од мерките која што ќе гарантира безбедност за овие региони и успешно справување со овие пожари, до нивно целосно гасење“, рече Спасовски, кој е и претседавач на Управувачкиот комитет за управување со кризи.

Спасовски рече дека во овие две места се прогласува кризна состојба не поради тоа што ситуацијата е излезен од контрола, туку поради тоа што треба координирана акција меѓу институциите на системот.

„Ако немаме кризна состојба Дирекцијата за заштита и спасување, односно локалните самоуправи ќе треба самостојно да се справуваат. Вака ќе треба да се приклучат сите институции на Република Македонија и да ги стават сите расположливи средства и ресурси на располагање во справувањето со овие состојби“, изјави Спасовски

Тој рече дека интервенираат противпожарните бригади, ангажирана е АРМ, а со воздухоплови помагаат и Бугарија и Турција.

XS
SM
MD
LG