Достапни линкови

Каракачанов:Бугарија е подготвена да и помогне на Македонија да влезе во НАТО


Архивска фотографија-министерката за одбрана Радмила Шекеринска

Зајакнувањето на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија се од корист не само за двете земји туку и за регионот и за цела Европа, се согласија министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов на билатералната работна средба во Скопје, која се одржа по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји.

Како што соопшти Министерството за одбрана, министерката Шекеринска се заблагодарила на брзата реакција на бугарската влада, која понуди помош во хеликоптери за гаснење на пожарите што ја зафатија Македонија. Договорот за помошта беше постигнат на средбата на двајцата премиери Заев и Борисов, а личниот ангажман на министерот Каракачанов овозможи помошта да се реализира веднаш.

"Тоа покажува дека добрите односи меѓу соседите секогаш се од корист за брзо решавање на кој било проблем", рече министерката Шекеринска.

Каракачанов, пак, рече дека политиката на Бугарија секогаш била да ја поддржи државната независност на Македонија и додаде дека Бугарија го става на располагање сето свое искуство и контакти за побрз прием на Македонија во ЕУ и НАТО.

"Бугарија сака да и помогне на Македонија. Контактите кои ги создадовме на нашиот пат кон ЕУ и НАТО може да ви бидат многу полезни. Кога Бугарија, Грција, но и Македонија и сите држави од регионот ќе бидат дел од ЕУ проблемите ќе се решаваат полесно. За приемот на Македонија во НАТО ја нудиме нашата експертиза и совети", рече Каракачанов.

Министрите, како што се наведува, договорија засилена соработка во одбраната, во поглед на обуките на припадниците на АРМ во Бугарија, во военото образование и воено – медицинското усовршување.Средбата заврши со покана од Каракачанов до Шекеринска за возвратна посета на Бугарија, стои во соопштението.

XS
SM
MD
LG