Достапни линкови

Горештините ја зголемија потрошувачката на струја


Плоштадот „Македонија“ во Скопје

Во споредба со истиот период лани, годинава е зголемена потрошувачката на струја, што пак се должи на значително повисоките температури, велат од ЕВН.

Разладување под клима уреди е највообичаниот начин преку кој граѓаните бараат спас од високите температури, кои месецов го поминаа и четириесеттиот степен. Дел од нив велат дека забележале и зголемување на сметките за електрична енергија, токму поради тоа што климатизерите им се постојано вклучени.

„Не многу, но има покачување. Не можеш да издржиш без клима на овие температури. Возрасни луѓе сме, живеам во центар и немам друг начин на ладење...“

„Ако не е климата, јас не можам да издржам. Не сум отпорна и едвај го поминувам летото. Веројатно и сметките за струја ќе бидат поголеми, но ако мора, мора.“

„Без клима, ништо. И лани имавме повисоки сметки за струја, бидејќи имаме два климатизера дома и тие работат многу часови на ден. Порано Скопје беше суво топло, а сега е влажно. Тоа се чувствува и потешко се дише“, велaт граѓаните.

Дел од анкетираните додаваат дека се обидуваат да ги избегнат климатизерите и да најдат алтернативен начин на разладување.

„Не користиме клима, зошто сме на приземје и затоа што не е толку добро да се користат климатизерите. Си пиеме повеќе вода, се тушираме почесто, не излегувам по 12 часот и тоа е.“

„Јас како возрасен човек, попладне не излегувам од дома. Не користам клими и вентилатори, бидејќи праксата покажува дека ако долго време се вклучени, предизвикуваат и лоши последици“, велат анкетираните граѓани.

Во изминатите два месеца продажбата на климатизерите значително се зголемила, велат од продавниците за техника.

„Кога ептен ќе затопли, тогаш се купуваат климите најмногу. Во овој период имаме премногу зголемена продажба на овие уреди,“ вели Димитар, продавач во еден салон за бела техника.

Од ЕВН Македонија информираат дека вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 до 25 јули изнесува 348 580 мегават часа. Најголема потрошувачка била регистрирана на 11 јули, кој беше еден од најтоплите денови во овој период. Во споредба со истиот период лани може да се заклучи дека годинава е зголемена потрошувачката на струја, што пак се должи на значително повисоките температури, објаснуваат од компанијата.

„Што се однесува до подготвеноста на системот, кога уредите за разладување работат по цел ден, таа потрошувачка не може да му наштети на системот и не може да предизвика поголеми проблеми. Системот е подготвен за многу поголеми оптоварувања, кои е јавуваат особено во зимскиот период. Проблеми може да се јават евентуално во микросредините, во централните подрачја каде што не е предвидено затоплување на домовите со електрична енергија, па во овој период, ако се зголеми може да има одредени дефекти во трафостаниците, но екипите се постојано на терен и истите брзо ги решаваат, вели портпаролот на ЕВН Македонија“, Атанас Ковачевски.

Во меѓувреме, на вчерашната 16 владина седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со воведување евтина дневна тарифа на електрична енергија за домаќинствата. Донесена е одлука да се даде препорака на Регулаторната комисија за енергетика веднаш да одржи работен состанок, со вклучување на релевантните претставници и во рок од седум дена да подготви анализа за повторно воведување на дневната евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата и измена на Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и мали потрошувачи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG