Достапни линкови

Граѓаните со свои мерки против горештините


Човек пие вода на фонтана. Топло време во Скопје

Со шише вода, лесна облека и шапка се справуваат граѓаните со горештините. Лекарите препорачуваат покривање на кожата и главата и да не се прави нагла промена од ладно на топло.

Топлотниот бран и високите температури кои се качија на над 40 степени не се неочекувани за жителите на Скопје, но секој од нив има свои мерки на претпазливост, кои, според искуството на граѓаните, функционираат.

Граѓаните кои имаат обврски и мораа да излезат на скопскиот асфалт, велат дека гледаат што побргу да најдат сенка и да се разладат. Но како и да е влијанието на јулските температури сега го чувствуваат сè поизразено, поради сè позбиената градежна инфраструктура, односно поради намалувањето на зелените површини.

„Јас сум роден во Скопје и обично вакви температури има. Едноставно носам шапка задолжително, гледам да фатам сенка некаде зашто се движам со автобус и пешки. Во автобусите на ЈСП има клима. Се разладувам најчесто со вода. Секогаш носам со себе шишенце и си го дополнувам. Но, во секој случај премногу има висококатници и тоа го прави Скопје, бидејќи е во котлина, да биде толку задушливо и да е тешко времето. Порано не беше така пред 30 години или 40 и тогаш имаше 42, 43 степени, јас се сеќавам ама се поднесуваше подобро отколку сега“, вели една скопјанка.

Луѓето кои се жалат од горештините потенцираат дека ги следат препорачаните мерки и правила да внесувате многу течности и кога ќе излегуваат на отворено да носат лесна облека и заштитни очила.

„Се снаоѓаме со тоа што пиеме многу течности, се облекуваме тенко и гледаме да не сме надвор од 10 до 17“.

„Многу е жешко, гледаме преку ден да седиме повеќе дома, а гледаме навечер повеќе да излегуваме. Имаме мало бебе и најчесто одиме во парк.“

„Порано излегувам да ги завршам обврските што ги имам. Тешко е и за млади и за стари. Навечер не се спие. Пуштаме клима, немаме многу време за прошетки. Јас кај што работам имаме клима, па добро е, се поднесува“, велат анкетирани граѓани.

Лекарите предупредуваат дека директните сончеви зраци имаат дополнително негативно влијание врз организмот при екстремно високи температури. Тие укажуваат дека промената на топла - ладна средина дополнително го засилува стресот во организмот

„Постојана хидрација на организмот. Они што се со редовна терапија постојано да ја примаат терапијата, редовна контрола на крвниот притисок, заштита на кожата и главата со креми шапки и очила и не нагла изложеност од климатизирани простории на отворено“, вели доктор Антита Димоска, раководител во Итната медицинска помош.

Од Скопската брза помош потврдија дека вчера починала жена на возраст од 47 години во Скопје, додека заедно со своја колешка, од климатизирана просторија излегла да повика такси. Имало уште два случаи на колабирање и две сообраќајни несреќи предизвикани поради намалување на концентрацијата на возачите, поради горештините. Од итната помош велат дека нема зголемен број интервенции во споредба со други години, но нивни екипи во главниот град дневно интервенираат кај пет до шест лица поради колапси на отворено.

Од Итната медицинска помош велат дека во Скопје има и сообраќајни незгоди од пет до шест дневно и додаваат дека нивните екипи најчесто интервенираат кај луѓето со хронични хипертензии и со срцеви заболувања, каде што редовната терапија не функционира.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG