Достапни линкови

Под мотото „Скопје го слави животот“, на 25 и 26 јули, ќе биде одбележана 54-годишнината од катастрофалниот земјотрес што му се случи на градот.

Скопје во наредниве неколку денови ќе го слави животот. Со низа активности и културни настани, онака како и што прилега, ќе биде одбележана 54-годишнината од катастрофалниот земјотрес што му се случи на градот.

Во Младински културен центар, кој веќе четврта година по ред, своите активности ги обединува под заедничкиот наслов „МКЦ за Скопје“, чествувањето ќе започне со книжевната вечер „Лебедовата песна на заробеничката на ветрот“. Перформансот кој е планирано да се одржи на 25 јули, во 20 часот, во кино „Фросина“, всушност, е замислен како промоција на книгите „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ и „Лебедовата песна на заробеничката на ветрот“ на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, кои се посветени на првата македонска поетеса – авторка на антологиските стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто, Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.

Промотори на „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ и „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Александар Прокопиев. Модератор ќе биде Анета Трпевска, спикерка на Македонското радио – Радио Скопје, а стиховите на Даница Ручигај ќе ги интерпретира Искра Чоловиќ. За музичкиот дел, пак, се задолжени Александар Прокопиев, Сашо Гигов – Гиш и Јаков Дренковски, аудиодизајнот е на Бесим Кека, тон мајстор на Македонското радио и еден од бардовите на македонското аудиоснимање, а на видеото Зоран Јовановиќ.

Во рамките на книжевната вечер ќе бидат прикажани и документарните филмови посветени на Даница Ручигај „Поетот живее и по смртта“ (1993) и „Соновите не заспиваат“ (2016) на новинарите на Македонската телевизија Соња Драгољуб Гиздавиќ и Катица Трајковска – Абјаниќ.

Веќе наредниот ден, во 20 часот, во Галеријата на МКЦ ќе биде отворена изложба на еден од основоположниците на македонскиот современ ликовен израз, Димитар Аврамовски Пандилов, кој трагично загина на 26 јули, 1963 година. Ќе бидат изложени 45 акварели и пет цртежи, дела работени во предвоениот и повоениот период на 20-от век.

Роден на 1 март 1899 во село Тресонче, Пандилов припаѓа на генерацијата сликари, кои во минатиот век се издвојуваат со својата уметничка љубопитност околу модерниот европски сензибилитет, трудејќи се во жанрот на импресијата да го дадат својот творечки опус истовремено олицетворувајќи го македонскиот живот и поднебје. Мотивиран и инспириран од интересните градски и селски композиции на македонското жителство, тој ги замрзнува живописните состојби во за него карактеристичен маниристички цртеж.

Заедно со Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски итн., ги доживува и отсликува историските настани и моменти на борбата за националното ослободување на македонскиот народ. Тоа претставува историски потфат во процесот на создавањето и развојот на современата македонска ликовна уметност.

Инаку, оваа изложба е само дел од проектот, со кој Младинскиот културен центар планира во повеќе години, секој 26 јули да претставува досега никогаш изложувани дела од Пандилов.

И кога сме веќе кај случувањата во МКЦ, интересно е да се спомене и тоа дека речиси едновремено во фоајето ќе биде отворена и фотоизложбата на Чехот Вацлав Шваб, а нешто потоа публиката на тревникот и на платото пред оваа институција ќе има можност да ги погледне фото-инсталациите на белгиските мајстори на оваа уметност Ан д` Гела, Максим Делво, Герт д` Таје и Ален Бреје, за да визуелните атракции бидат заокружени со проекцијата на документарецот „Порака од границата“ прикажан минатата година во Сан Себастијан, Шпанија.

И, потем урбаниот дух на градот громогласно ќе биде повикан со концертот на кој е планирано да настапат RIB кои неодамна го објавија својот нов албум „Bliss“ и ова ќе им биде еден од промотивните настапи, битолското дуо Sweet Rapscallions кое со овој перформанс заокружува една значајна фаза од своето делување бидејќи еден од членовите се сели во Австралија, групата од Кочани - Anna O и Марк Олсон, пејач, гитарист и еден од оснивачите на легендарниот американски алтер-кантри-рок бенд THE JAYHAWKS. Тој во Скопје доаѓа со својата сопруга Ингун Рингволд со која ја „одработуваат“ балканската турнеја на која го свират селектираниот материјал од нивните досегашни солистички проекти.

Марк Олсон, американски музичар.
Марк Олсон, американски музичар.

„Безмалку половина декада ја организираме оваа манифестација проследена со бројни активности како ликовна уметност, филм, литература и секако со неколку селектирани музички настани на тој начин докажувајќи дека нам, на Младински културен центар, особено важни ни се чествувањето и славењето на живата уметност. На живата пулсирачка урбана култура“, вели Владица Младеновски – Грга, еден од соработниците-уредници во МКЦ.

Град Скопје и Музејот на Скопје, пак, под мотото – „Скопје го слави животот“, со идеја „ токму на 26 јули да се потсетиме на се она што значи овој датум, на подадената рака од целиот свет како и на оние кои трагично го загубија својот живот“, на плоштад Македонија организираат музички хепенинг на кој централното место ќе му припадне на Биг Бендот на МРТВ. Свој придонес во чествувањето, покрај Биг Бендот, е планирано да дадат и пејачите Биба Додева, Александар Митевски, актерот Висар Вишка, хроничарот Данило Коцевски, детскиот хор Фалсето, словенечкиот саксофонист Васко Атанасовски и нашиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски. Скопјани, како и сите добронамерници, ќе имаат можност да слушнат голем број на македонски композиции кои низ децениите биле инспирирани, се пееле и свиреле во градот или кои асоцираат на Скопје.

Конечно, во Музејот на град Скопје, на 26 јули 2017 година, во 20 часот, во чест на одбележувањето 54 години од катастрофалниот земјотрес, ќе биде отворена и изложбата насловена АрхиТРАНСформа-Архибелези, од авторките Јасминка Намичева и Екатерина Намичева. На постановката преку презентирани архивски документи,фотографии и реконструкции на градбите, е направен преглед на училишните објекти во Скопје, изградени во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941година). Презентирањето на теми преку кои се рехабилитираат/реконструираат мемориски матрици кои граѓаните на Скопје ги носат во себе веќе 54 години, секогаш, претставува огромна одговорност и кон живите и кон починатите граѓани на овој град.Старата железничка станица во која е сместен од 1971 година до денеска Музејот на град Скопје, како објект е симбол на земјотресно Скопје,но истовремено е институција која ја има честа повеќе од 40 години да ја чува и негува меморијата за овој град, пред и по катастрофата која му се случи. Затоа секогаш со многу внимателен и студиозен приод, откинуваме по некое „скопско ќоше“ од пазувите на историјата, за да тагуваме по него, но и да му се радуваме заедно.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG