Достапни линкови

Графичките дела на Пикасо во Галеријата на МКЦ


Четириесет и шест графички дела, факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, од периодот 1932-1969 година, на шпанскиот и светски класик Пабло Пикасо, инаку сопственот на приватната галерија „Висконти“ од Љубљана, ја чинат ексклузивната изложба, што од 19 февруари до 16 март годинава, ќе се одржи во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Влезот е слободен.

Галеријата на Младинскиот културен центар од Скопје, на крајот од оваа „лажлива и политички некоректна зима“, во периодот од 19 февруари до 16 март, ширум ќе ги отвори портите за една навистина ексклузивна поставка. Ликовната публика, македонската културна јавност, ќе има можност да види 46 графички дела - факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, на големиот шпански сликар Пабло Пикасо настанати помеѓу 1932-1969 година. на шпанскиот и светски класик Пабло Пикасо.

Продуцент на изложбата е Михајло Несторовиќ, а колекцијата е сопственост на Жива Шкодлар Вујиќ и Лазар Вујиќ од галеријата „Висконти“ во Љубљана, Словенија.

Срцевината на збирката ја чинат комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела. Тука се „Двојна флејта“ (која содржи 16 литографии - женски и машки актови, мотиви со минотаури и баханалии, „Појадок на трева“, шпански мотив според Веласкез и портретот на една од сопругите - Жаклина), „Фауна и флора од Антиб“ од 1960, (мапа што претставува девет литографии, со текст на Хаиме Сабартез), и „Цртежите на Пикасо“ (мапа-книга со 16 факсимили на цртежи од периодот меѓу 1942 и 1946 година).

„Црвената нишка на оваа збирка, а и нејзината суштина, е дар и восхит на бескрајно големото, а толку лесно мајсторство на цртање на Пикасо, кое при секое ново погледнување, повторно го восхитува гледачот со својата чиста и цврста линија, но и со својата разиграност и богатство на формата, кои на секоја графичка листа се свежи и нови. Непогрешливото познавање на анатомијата и зачудувачката способност за цртање на формите на човечкото тело, со очигледно обожување на убавината на женскиот акт, а и со креациите преполни со хумор и нескротлива животна радост и бесрамна сензуалност, Пикасо се потврдува како генијален виртуоз на линијата, нејзиниот рез, потег со четката.

Разноликоста на варијантите кај него нема граници, а неговата моќ на создавање може да ја споредиме со незапирливи експлозии од вулканска лава или со разиграна музика на виолинскиот виртуоз кога импровизира“, пишува Златко Стевковски, директор на Младинскиот културен центар.

Во дописот од организаторите на оваа постановка стои и тоа дека Пабло Пикасо создаде еден од најобемните графички опуси, кој можеби нема конкурент меѓу уметниците од 20 век. Во одредени периоди од неговиот живот, графичките записи во плоча или литографски камен се надоврзуваат како во дневник. Тој е бележан како незапирлив креатор, творец кој сакал постојано да менува и да прескокнува од една техника на друга, од цртеж на сликање, од графика на обликување предмети и скулптури. Згора на тоа, познато е дека неговите раце никогаш не мирувале, без разлика дали е во друштво на пријателите, на ручек или на вечера, играјќи си, скоро несвесно, од случајно најдени предмети или хартии, создавал изненадувачки уметнички дела.

Затоа не е изненадување што целиот негов опус, како и неговиот богат животен пат, сè уште се предмет на проучување на историчарите на уметноста, писателите и психоаналитичарите, а изложбите со неговите дела сè уште привлекуваат исклучително внимание кај публиката. Едноставно, неговите дела сè уште го развеселуваат човечкото око и зрачат со енергија полна со животна радост, која можеби е уште повидлива во неговите мали, на прв поглед помалку значајни дела.

Во целата оваа најавна сторија, посебно бележит е моментот што безмалку цел еден месец „белата Галерија на МКЦ“ ќе ги очекува посетителите катадневно од 9.00 до 21.00 часот, а влезот е слободен.

„Веројатно тоа е преседан во европската и светската историја кога станува збор за дела на Пикасо, но МКЦ и Министерството за култура ги честат граѓаните со бесплатен влез на изложбата. И ова, патем, не е предизборно. Сакам да расчистиме дека станува збор за графики, дека не станува збор за масла на платно кои се каде каде голем залак и огромна финансиска обврска. Сакавме да биде на некој начин бесплатно со тоа што, да не звучи грубо, меѓутоа ќе влијае едукативно и ќе влијае примамливо на голем број граѓани. Притоа не сакам да ги навредам нашите македонски автори, кои и тоа како ги сакам, ги ценам и ги вреднувам, меѓутоа очекувам изложбата да ги извлече од домовите нашите сограѓани, нема да гледаат турски серии, нема да одат во кладилници, нема да грицкаат семки и ќе дојдат во Галерија. Затоа работиме од 9 до 21 часот, затоа работиме секој ден, сè со цел да видат дека МКЦ постои, дека уметноста постои и дека тој еден Пикасо ќе ги извлече и ќе ги натера уште утре да дојдат на некој друг културен настан“, ќе рече Стефковски, во пресрет на отворањето на изложбата.

Во дослух со кажаното треба да се напомене дека изложбата на графичките дела на Пикасо ја продолжува зачнатата идеја на Министерството за претставување на творештвата на големите мајстори како Дали, Вазарели, Мур, Базелиц и Саудек, а се најавува дека во престојниот период во нашите галерии ќе може да ги очекуваме и познатите светски автори Демијан Хрст (поставка што ќе биде реализирана во соработка со Британскиот совет), Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн и Роберт Раушенберг.

И уште нешто, треба да се знае дека Република Македонија е меѓу малкуте држави од светот кои можат да се пофалат дека поседуваат оригинално уметничко дело на Пикасо, на авторот на „Герника“. Се вика „Глава на жена“ и е платно што уметникот лично му го има подарено на Скопје во 1963 година, трогнат од катастрофалниот земјотрес што го погоди главниот град.

Слика денес се чува со особено внимание, посебно откако платното беше украдено во 1971 година, што ја направи „Глава на жена“ уште повредна. Во акцијата за пронаоѓање на ова ремек дело на Пикасо своевремено биле вклучени и агентите на Интерпол и крадците беа фатени во Франкфурт, Германија, а подареното дело на големиот творец му беше вратено на Скопје.

Покрај „Глава на жена“, за чија вредност денес може да се лицитира со милионски суми во споредба со светските аукции на кои се продаваат оригиналите на Пикасо, и Галеријата „Остен“, односно нејзиниот сопственик - уметникот Мице Јанкуловски, поседува 66 дела на големиот шпански мајстор . Оваа збирка е колекција од цртежи, графики и керамика од славниот Пикасо, изработени во различни техники, но најголемиот број од нив во длабок печат и литографија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG