Достапни линкови

Пушењето забрането, бројот на пушачи зголемен


Илустрација
Илустрација

Бројот на пушачи во Македонија е зголемен и покрај мерките против пушењето. Македонија има обврска да го намали производството на тутун, но во исто време го субвенционира зашто е значајна стопанска гранка. Во меѓувреме илјадници луѓе умираат од последиците од пушењето.

Група пратеници поднесоа предлог измени на Законот за заштита од пушењето кои предвидуваат да се дозволи пушење на терасите на угостителските објекти, без оглед дали терасите се отворени или затворени. Предлогот го поднесоа Томислав Тунтев, Јован Митрески, Петре Шилегов од СДСМ, независната пратеничка Ивана Туфегџиќ и Мирсада Емини-Асани и Шпреса Хадри од ДУИ.

Денеска ја реобјавуваме саботната анализа објавена на 3 јуни годинава.

Граѓаните на Македонија се на трето место во светот според бројот на испушени цигари по жител годишно, а бројот на пушачи во изминатите 15 години се зголемил. Според податоците од Тутунскиот атлас, што го објавува и Светската здравствена организација, македонските граѓани пушат по над 2.700 цигари годишно. Повеќе цигари пушат само жителите на Белорусија и Либан.

Според процентот на пушачи од возрасните мажи од 2013 година, Македонија е на деветтото место во светот со над 46 отсто пушачи меѓу мажите над 15-годишна возраст. Според Журналот на американската медицинска асоцијација, поголем процент пушачи има во Источен Тимор, Индонезија, Кирибати, Ерменија, Папуа Нова Гвинеја, Лаос, Русија и во Кипар. Според процентот на пушачи меѓу возрасните жени, пак, Македонија е на шесто место. Секоја четврта жена во Македонија пуши. Пред Македонките се само жителките на Грција, Бугарија, Кирибати, Австрија и Франција.

Првиот закон за заштита од пушењето Македонија е донесен во 1995 година. Законот од тогаш е изменуван или дополнуван осум пати, последен пат во 2013 година. Најжестоки реакции имаше за измените од 2010 година, кога пушењето целосно беше забрането во сите угостителски објекти, како и во заградените тераси и летни бавчи на угостителските објекти.

Но, и покрај мерките што се преземаат за заштита од пушењето, бројот на пушачи во Македонија во изминатите 15 години се зголемил. Тоа го покажуваат истражувањата на македонскиот Центар за јавно здравје.

„Ако се земе предвид истражувањето од 2002 година, кога имавме 42 проценти пушачка популација, овде имаме пораст на пушачката популација која сега е 46 проценти“, рече доктор Силвана Ончева од Институтот за јавно здравје на прес-конференција по повод Светскиот ден против пушењето.

При тоа, мажите повеќе пушат од жените. Според нивните податоци, пушачи се 54 проценти од мажите и 33 проценти од жените.

Сепак, во институтот велат дека мерките што се преземаат имаат ефект, затоа што се намалува бројот на пушачи кај децата од 13 до 15 години.

Олабавување на законот против пушење во кафеаните?

Угостителите беа едни од главните критичари на целосната забрана за пушење во угостителските објекти. Се жалат дека поради забраната драстично им опаѓа прометот, особено кога времето е постудено, па не може да ги користат летните бавчи. Со промената на власта, има најави за олабавување на законот.

Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ, кој кон крајот на 2015 година, предложи закон со кој ќе се укине забраната за пушење на заградените тераси и летни бавчи во угостителските објекти, вели дека повторно ќе го предложи истиот или сличен закон, кој не беше прифатен од тогашното владејачко мнозинство. Власта има поважни работи во моментов, но се надевам дека до почетокот на летната сезона, измените ќе влезат во собраниска процедура, вели Тунтев, кој е охриѓанец.

„Не се работи за никаква либерализација или олабавување, туку само за спречување на селективна примена на законот против пушењето, по барање пред сè на фелата, на еснафот на угостителски работници, а кога ова го велам мислам пред сè нивниот број е најголем во Охрид. Ние располагавме со низа аргументи дека одредена либерализација по примерот на 20-тина земји од ЕУ нема воопшто да придонесе кон загрозување на здравјето на граѓаните на Република Македонија“, вели тој.

Тунтев смета дека олабавувањето на забраната ќе придонесе кон зголемување и на економските резултати на малите и средни угостителски објекти, на бројот на туристи и на комотноста на гостите.

„СДСМ е сериозен во намерата да понуди сериозно решение. Сега само се работи само за, така да го наречам, внатрешно убедување помеѓу коалиционите партнери, зашто сега се нови коалициони партнери во парламентарното мнозинство, овој закон, истиот или сличен, повторно да влезе во законска процедура“, вели Тунтев.

Главна замерка на угостителите е селективната примена на законот. Во дел од локалите за кои важи дека сопствениците на некој начин се поврзани со власта или инспекциските служби, пушењето е премолчано дозволено. Во текот на зимските месеци, пак, во дел од објектите кои целосно ги имаат заградено терасите или летните бавчи се пуши, а во дел се почитува забраната.

Даниела Михајловска Василевска од Здружението за угостителство и туризам во Стопанската комора на Македонија вели дека тие постојано бараат олабавување на законот против пушењето, но дека најважно им е законот да важи за сите подеднакво.

„Во неколку наврати континуирано беа давани предлози за воведување одредени олеснувања, односно да се дозволи во рестораните и во угостителските објекти воопшто да може да се користат одредени простории за пушачи, но сепак притоа да се почитуваат одредени прописи и стандарди како што тоа се прави во многу земји во регионот, па и пошироко“, вели таа.

Граѓаните кои ги анкетиравме имаат различни мислења за забраната за пушење во угостителски објекти, веројатно во зависност од тоа дали се пушачи или не.

„Мислам дека е нормално во затворен простор да не се пуши.“

„Треба да има одредени места, да се направи и за пушачи и за непушачи. Јас сум бил и во Германија, има посебен дел за пушачи, посебен за непушачи, инаку вака и угостителите губат гости, губат промет.“

„Што знам, можеби е добро, можеби и не. За секого индивидуално. Можеби е исправно да не се пуши.“

„Треба да се остави слободно да си пушат луѓето. Се намалува прометот, штом не може да пуши во локалот, се намалува бројот на луѓе и се намалува прометот и мислам дека треба да прекине забраната за пушење.“

РСЕ: А што со оние на кои тоа им пречи?

„Штом доаѓаат изгледа дека не им пречи“, велат анкетираните граѓани.

Над 100 илјади луѓе живеат од тутун во Македонија

Тутунот и тутунските производи се значајна индустриска гранка во Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, тутунот и пијалоците се една од ретките стопански гранки во кои Македонија има суфицит во трговската размена со странство. Во 2016 година од Македонија се извезени тутун и пијалоци во вредност од 177 милиони евра, а увозот бил скоро 73 милиони евра, односно земјава била околу 100 милиони евра во плус.

Во земјава има над 16 илјади хектари засадени со тутун на кои се произведуваат над 25 илјади тони тутун. Според Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2014-2020 на Министерството за земјоделство, во производството на тутун во Македонија се ангажирани околу 155 илјади членови на земјоделски стопанства што е меѓу 6 и 8 проценти од вкупното население во земјава. За производството на тутун државата доделува субвенции од околу 20 милиони евра годишно.

Од друга страна, Македонија, како потписник на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, има обврска за неинвестирање во производството и промоцијата на тутун и постепено намалување на површините со оваа култура. Во стратегијата се наведува дека преземањето на дополнителни активности на долг рок ќе зависи од подобрувањето на економската состојба на главните региони за производство на тутун и обезбедување на алтернативи за вработување на производителите, што не се очекува сериозно да биде променето барем до 2020 година.

Во предизборната програма на владејачката СДСМ, пак, се наведува дека ќе се зголемат субвенциите за тутунот и наспроти досегашните 60 денари за килограм, ќе се исплаќаат по 80 денари за килограм тутун прва класа, 70 за втора и 60 денари за килограм тутун од трета класа. Ќе има три наместо четири класи.

Владејачката партија, и покрај зголемувањето на субвенциите, најавува намалување на површините засеани со тутун и зголемување на површините под декоративни, зачински, лековити и био-енергетски култури.

„Заради напуштање на земјоделските површини под тутун и политиката на ЕУ кон намалување на таквите површини, ќе го поттикнеме развојот на нова гранка во земјоделството – производство на алтернативни култури. Ќе стимулираме субвенционирање на одгледувачите на алтернативни култури. Развивањето на овие гранки е поттикнато и како резултат на современите навики во исхраната и животот на населението“, се наведува во предизборната програма на СДСМ.

Универзитетскиот професор Борис Анакиев вели дека Македонија ќе го субвенционира производството на тутунот сè додека не ги почне преговорите за членство во ЕУ и покрај Рамковната конвенција за контрола на тутунот.

„Скоро никој не се придржува до таа конвенција. Мислам дека е избрзана, погрешна и не води сметка за националните интереси на неразвиените земји каде што тутунот главно се одгледува“, вели тој.

Анакиев сепак не верува дека со зачински и лековити култури може да се замени производството на тутун, ниту според бројот на луѓе што ги вработува, ниту според девизниот прилив за земјата.

Секоја година умираат по 20 илјади луѓе од кардиоваскуларни заболувања

Кога се имаат предвид сите овие ефекти од производството на тутун за македонската економија, сепак останува прашањето – вреди ли, имајќи ја предвид смртноста и болестите предизвикани од пушењето.

Раководителката на Секторот за промоција, анализа и следење на незаразни болести во Центарот за јавно здравје, доктор Елена Ќосевска, вели дека во Македонија има околу 20 илјади смртни случаи од кардиоваскуларни заболувања, а токму пушењето го зголемува ризикот од вакви заболувања.

„Тие се последица од пушењето кај пушачите, но мора да кажам дека постои таканаречен кумулативен ефект. Тоа значи дека ако некоја личност е само пушач има многу помал ризик да се разболи или да почине како резултат на употребата на тутун од она лице коешто има четири или пет ризик фактори, како што се пушењето, конзумирање недозволено количество алкохол, стрес, висок крвен притисок, високи липиди, дијабетис. Значи колку повеќе се кумулираат ризик факторите, толку се поголеми шансите за прерано разболување“, вели таа.

Само еден од петмина луѓе што некогаш пушеле, успеале да се откажат. Ќосевска ги повикува пушачите кои сакаат да се откажат од цигарите да ги посетат советувалиштата за одвикнување од пушењето во центрите за јавно здравје.

„Гарантирано после една година, доколку се истрајни, ќе им помогнат да се откажат од употребата на тутун“, вели таа.

Истражувањата покажуваат дека околу 80 отсто од бројот на предвремени смртни случаи се случува во земјите со низок и среден приход, како што е Македонија.

Во светот расте смртноста од пушењето

Смртноста од пушењето, и покрај сите забрани, расте
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:07 0:00

Штетноста од тутунот не е само македонска мака. Еден од десет смртни случаи во светот е предизвикан од штетните последици на пушењето, се наведува во една од научните студии, објавена деновиве. Половината од нив, како што се додава, се во само четири земји: Кина, Индија, Соединетите Држави и Русија. Затоа од СЗО бараат поголема контрола на тутунот.

Гоце Атанасов

Во светот и покрај неколкудецениските политики за контрола на тутунот, и натаму расте бројот на пушачите. Се покажа дека во 2015 година дневно пушеле речиси една милијарда луѓе. Имено, и покрај недвосмислените докази за штетните ефекти од пушењето врз здравјето, еден од четворица луѓе во светот пуши секојдневно. Во тоа секако, голема улога има растот на светската популација. Но, истражувачите велат дека смртноста од пушењето ја зголемуваат тутунските компании кои агресивно се насочуваат кон нови пазари, особено во земјите во развој.

Светската здравствена организација во монографијата објавена годинава предупреди дека пушењето ја чини глобалната економија над илјада милијарди долари годишно и оти ќе убие за една третина повеќе луѓе до 2030 година отколку сега. Овие трошоци многу ги надминуваат средствата собрани од даноците за тутун кои во 2014 година се проценуваа на 269 милијарди долари. Се очекува економските трошоци да продолжат да растат и покрај тоа што владите имаат начини како да ја намалат употребата на тутунот.

Џеремија Пол од СЗО вели:

„Она што ни треба навистина е политичка волја со цел да се спроведат овие мерки енергично, бидејќи контролата на тутунот не само што спасува животи, туку исто така генерира значителни приходи, што е вин вин ситуација“, вели тој.

Околу 80 отсто од оние што пушат живеат во сиромашни или земји во развој. Станува збор за производ кој предизвикува зависност кај луѓето, вели Пол.

„Затоа е многу важно владите да преземат акција сега, бидејќи оваа монографија го потврдува она што СЗО го вели отсекогаш дека контролата на тутунот има смисла за економијата и за јавното здравство“, вели тој.

Во извештајот „Глобален товар на болести“ кој е базиран врз навиките за пушење во 195 земји и територии во периодот меѓу 1990 и 2015 година покажа дека некои земји не успеале во напорите да им се помогне на луѓето да се откажат од пушењето. Поради тоа што пушењето останува втор најголем фактор на ризик за прерана смрт и инвалидитет, како што се додава, е неопходна акција за намалување на влијанието на тутунот. Тоа пак, главно се прави преку комбинација на повисоки даноци, предупредувања на кутиите за цигари и програми за образование.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG