Достапни линкови

Помошникот генерален секретар на НАТО Илдем во посета на Македонија


Илустрација-лого на НАТО

Помошникот генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија, амбасадорот Тачан Илдем од денеска престојува во дводневна посета на Македонија. Тој меѓудругите се сретна со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со претседателот на Собранието Талат Џафери, а го посети и единствениот НАТО-сертифициран центар во Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста.

На средбите, како што соопштија во одделните соопштенија министерството за одбрана и кабинетот на претседателот на собранието Илдем силно ги охрабрил напорите на новата реформска влада за спроведување на реформите потребни за членство на Македонија во Европската Унија и во НАТО. Тој потенцирал и дека се очекуваат конкретни резултати согласно препораките на НАТО од Самитот во Варшава и изразил поддршка за реформскиот капацитет на Владата.

Шекеринска, пак, посочила дека членството во НАТО претставува стратешка определба на Република Македонија, која има висока поддршка од граѓаните.

Џафери, се наведува во соопштението, изразил убеденост дека само со конструктивен дијалог со соседите во однос на спорните прашања и со активен ангажман во исполнувањето на Планот 3-6-9, како и со консензуално усвојување на Предлог-декларацијата за забрзување на реформаторските и интеграциските процеси за зачленување во ЕУ и НАТО, ќе се финализира „незавршената работа“ од Букурешкиот Самит на НАТО во 2008 година.

XS
SM
MD
LG