Достапни линкови

Договорот со Бугарија се уште тајна


Архивска фотографија-премиерите на Македонија и Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов на средба во Софија,20.06.2017

Засега не се знае која е базата за компромис за договорот за добрососедство што го постигнале министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија. Опозицијата бара транспаретност, аналитичарите сметаат дека штетен договор владата не би прифатила, а истиот не би поминал ниту во Собранието.

Се уште нема многу официјални информации за договорот меѓу Македонија и Бугарија откако делегациите предводени од министрите за надворешни работи на двете земји постигнаа, како што соопштија, база за компромис. По дводневните средби од двете страни стигна слична формулација. Од македонското МНР велат дека следниот чекор е информирање на владите во двете земји и други потребни внатрешни консултации. Од бугарското министерство, пак, дека следниот чекор е пристапување кон консултации и внатрешни процедури.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров кој од Софија замина во Виена на средби со неговиот австриски колега Себастијан Курц, по враќањето во Скопје се очекува да ја информира владата за договореното во Бугарија, велат извори од МНР, не откривајќи детали за договореното, ниту пак, какви внатрешни консултации сега ќе се прават.

Непознат мал детаљ од договорот?

Од она што јавно го кажа премиерот Зоран Заев по средбата минатиот месец со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, останал еден сегмент кој како што рече тогаш, верувал дека ќе биде едно кафе пиење меѓу двајцата министри.

Аналитичарите се воздржани за коментар што е спорно бидејќи посочуваат на тоа дека нема официјална информација. Според поранешниот амбасадор Благој Зашов тешко може да се каже кој бил проблемот бидејќи, како што вели тоа го знаат оние што биле вклучени во разговорите.

„Очигледно се бара некој излез со кој ќе се одоброволат јавностите во двете држави, но веројатно е нешто што е поврзано со идентитетот и со јазикот “ вели Зашов.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека со како што велат нетранспаретноста на Заев се отворал сомнеж дека тој ги распродава македонските национални и државни интереси.

„Заев ветуваше експертски дебати и јавни расправи за секое прашање, за сега да гледаме дека нема ни Д од дебати, водејќи процеси од исклучителна важност за државата со нула транспарентност кон граѓаните“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Универзитетскиот професор Никола Дујовски пак вели дека ништо од отворениот однос кон соседите нема да го загрози македонскиот национален идентитет.

„Не се согласувам дека националните интереси може да бидат загрозени со потпишување на договори за добрососедски односи. Апсолутно не постои такво нешто. Ниту една влада нема да прифати потпишување на штетен договор и ниту еден парламент нема да ратификува таков договор“ вели Дујовски.

Преговори со години

Инаку на анкетата поставена на интернет страницата на Радио Слободна Европа, три дена по средбата на Заев и Борисов, 81 отсто одговориле дека потезите на новата влада кон соседите значат отворање на патот кон НАТО и ЕУ, 18 отсто дека се работи за распродажба на националните интереси, а два отсто со не знам.

И двајцата соговорници велат дека за овој договор беше разговарано со години, а тоа го правеше и претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Разговорите како што објави бугарскиот премиер Бојко Борисов се одвивале од 2008 година, а досега биле одржани 11 консултации.

Очекувањата на двете страни се дека тој е можно да биде потпишан на 2 август, кога бугарска делегација би дошла во Македонија за чествување на Илинден.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG