Достапни линкови

Турски марш за правда од Анкара до Истанбул


Турскиот опозициски лидер Кемал Килицдароглу ќе одржи говор на денешниот опозициски митинг кој претставува крај на протестите кои траат еден месец. Станува збор за „марш за правда“ во кој неколку илјади демонстранти пешачат од Анкара до Истанбул.

Килицдароглу е лидер на „Републиканската народна партија“. Тој вчера изјави дека помогнал во организирањето на маршот за да се покажат „големите неправди и незаконитости во судскиот систем “.

„ Зошто пешачиме? Овој 450 километарски марш има само една цел: Правда!“ изјави Килицдароглу.

Дел од демонстрантите кои од 15 јуни маршираат од Анкара, велат дека поводот за протестот бил апсењето на пратеник од ЦХП партијата и спротивставување на политиките на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Градоначалникот на областа Бешикташ Мурат Хазинедар ја даде својата поддршка на протестот.

„ Нема друга опција освен граѓански отпор. Ова е предупредување. Демократијата повеќе не функционира, судството не функционира“, изјави Хазинедар во интервју за магазинот „Тајм“

По неуспешниот обид за државен удар во јули 2016 година, околу 50 илјади луѓе се уапсени за време на вонредната состојба во земјата, додека 100 илјади административци беа отпуштени од работа. Организаторите на протестот тврдат дека овој митинг за крај на маршот, најверојатно ќе биде најголемиот опозициски протест во Истанбул, по масовните демонстрации против Ердоган во 2013 година.

XS
SM
MD
LG