Достапни линкови

Посетата на Нимиц и обвиненијата на СЈО – најкоментирани теми


Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство на 29 јуни 2017
Прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство на 29 јуни 2017

Посетата на посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц, на Македонија и 17 нови обвиненија на СЈО и барањата притвор за поранешни високи функционери, предизвикале најголем интерес кај нашите читатели.

Посетата на медијаторот во грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц на Скопје – шанса нашите фанови да дадат свои предлози како да се реши тој долгогодишен проблем – предлози дадени на нашата ФБ страница. Петруш Минчевски, на пример, постирал: „Доста со глупи, недоветни предлози. Најдобро решение е: Државата Република Македонија или на англиски: The state of the Republic of Macedonia и под тоа име да се заведе и во ОН“, предлага Петруш.

По најавата дека Нимиц ќе се сретне со претседателот Иванов, Марјанчо Ангеловски коментирал: „Со кого ќе се сретне Нимиц, со предлагачот на додавката ’горна‘ за потоа на граѓаните да им порачува: ’Прашајте го Нимиц, тој знае сè за името‘“, алудирајќи на повеќе гафови на Иванов одговарајќи на новинарски прашања, кога даваше политички несериозни одговори.

Решението на Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1 да ги одбие барањата за притвор од страна на СЈО за повеќе високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, обвинети во повеќе случаи за криминално работење и дејствување, туку само да им се одземат пасошите, меѓу кои и на Мијалков и екс началникот на Петтата управа во МВР, Грујевски, предизвикало голема полемика по постот на Билјана Фиданоска, која смета дека доколку Груевски правел незаконски работи, што уште не било докажано, не можеле да се споредат со тоа што Заев сега ѝ го правел на Македонија. Марија Миленкова ѝ препорачува на Билјана малку повеќе да мисли и „дека не станува збор за борба меѓу Заев и Груевски, туку ова е народ против Груевски, зашто е пљачка на столетието на народот“. А Ерџан Идризи ја прашува: „Е Билјана, како убаво зборуваш, да не си добила подарок СВАРОВСКИ од некој од вмровчињата?“ алудирајќи на разговорот слушнат во „бомбите“ меѓу Мијалков и една судијка.

По неделното интервју на РСЕ со еврокомесарот Јоханес Хан на ФБ страницата на нашево Радио се „истуриле“ коментари и постови – многу од нив на границата на пристојност, дури и со говор на омраза, но и такви кои се согласуваат со ставовите дека е потребно враќање на довербата во судството во земјава. Ана Кеј, очигледно мислејќи на одбивањето на судиите на барањата од страна на СЈО за притвор и на Никола Груевски, вели: „Е со вакви пресуди, како да се врати довербата. Обични смртници за обични ситници одма во затвор, а овие за милионски проневери шетаат слободно!“ Иронијата во постот на Марјан Тодороски не е тешко да се забележи: „Што има вие да ни се мешате? Добро ни одеше, си лажевме, си крадевме, си живеевме најмизерно во Европа. Арно ни е, оставете не на раат“, постирал Марјан Тодороски.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG