Достапни линкови

Нимиц во обид да ги ресетира преговорите за името


Медијаторот Метју Нимиц во посета на Македонија.
Медијаторот Метју Нимиц во посета на Македонија.

Медијаторот Нимиц е во посета на Скопје за со македонскиот државен врв да ги разгледаат можностите за решавање на спорот за името. Тој денеска се сретна со претседателот Иванов, а утре се среќава со премиерот Заев.

Република Македонија и натаму ќе учествува во процесот што се води под покровителство на ОН. Неопходно е стриктно придржување до рамката во која се водат разговорите-резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, истакнал претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за прашањето за разликата околу името, амбасадорот Метју Нимиц, соопшти неговиот Кабинет. Од таму велат дека претседателот Иванов, ја поздравил конструктивноста и фокусираноста на мерките за градење на доверба меѓу двете држави и повикал на нивно проширување и внесување на нови содржини.

„Неопходно е да се даде дополнителен импулс од двете страни во надминување на ова прашање, кое има суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион“, истакнал Иванов на средбата со амбасадорот Нимиц.

Пред средбата со Нимиц, кај Иванов на координации беа премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи и преговарачот за името и амбасадор во САД, Васко Наумовски.

За утре е предвидено Нимиц, најнајпред да се сретне со премиерот Зоран Заев, а потоа со министерот Димитров. Планирано е медијаторот да одржи и прес-конференција.

Нимиц е во Скопје на покана на македонската влада за се разгледаат можностите за решавање на спорот за името. Тој пред да пристигне во Скопје во интервјуто за емисијата „360 степени“ на телевизија АлсатМ, рече дека во Скопје има нова влада, со нови идеи за ова прашање и тој се надева дека се враќа вниманието врз овој многу важен проблем. Тој, како што вели, овојпат не носи нов предлог за решение на спорот околу името.

Ако Грција не ја блокира Македонија за влез во НАТО, ќе се создаде многу позитивна клима за решавање на спорот за името. Тоа ќе се одрази позитивно и на регионот, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров во интервју за телевизјата Н1, дадено во Дубровник за време на самитот на ПСЈИЕ. Министерот вели дека од грчките власти,при посетата на Атина, добил одговор дека не се подготвени да дадат зелено светло за членство на Македонија, според одредбите на референтната рамка на ОН.

Веднаш по преземањето на функцијата Димитров ја посети Атина и се сретна со тамошниот државен врв. Димитров и неговиот колега Никос Коѕиас се заложија за зајакнување на соработката за побрзо решавање на името. Коѕиас остана на ставот дека Грција бара да се реши името пред приемот во НАТО и ЕУ, а Димитров побара поддршка за евроатлантските интеграции порачувајќи дека од нив ќе има придобивка и Грција. Се очекува Коѕиас да ја посети Македонија кон крајот на август.

По средбата во Атина, грчкиот неделник „Риал њуз“ напиша дека Вардарска Македонија ќе биде грчкиот предлог до македонската влада за решавање на спорот за името. Предлозите според весникот им се познати и на македонската влада и на медијаторот Метју Нимиц.

За истиот весник во мај, медијаторот Нимиц изјави дека решавањето на спорот за името треба да биде високо на агендата на новата влада во Скопје. Решението на овој спор, според него, ќе помогне да се решат и други проблеми во регионот.

Официјалните преговори за спорот за името подолг период беа на стенд бај поради политичката криза во Македонија и политичките и финансиските проблеми во Грција.

Медијаторот последен пат го посети регионот во јули 2014. По посетата тој изјави дека нема напредок во разговорите за името, но дека прашањето може да се реши.

Спорот за името, инаку дочека четврти генерален секретар на ОН.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG