Достапни линкови

Скопје има проблеми во целото урбано планирање


Архивска фотографија: Пешаци и автомобили на улиците на Скопје

Ревизија на Генералниот урбанистички план, но и на деталните планови, ќе овозможат решавање на проблемите во урбаното планирање на Скопје за рамномерно користење на јавниот простор.

Проблемите околу урбанизацијата, доминацијата на моторните возила во јавниот простор, недоволниот број на пешачки и велосипедски патеки во Скопје ќе се решат доколку политичарите ги остават урбанистите да си ја работат својата работа, вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мартин Пановски.

Експертите размислуваат во насока на тоа колкави се можностите во Скопје да биде реализиран концепт на рамномерно користење на јавниот простор, откако се повеќе се забележуваат автомобили паркирани на тротоари, пешаци кои одат по улиците заедно со возилата, проблеми со јавниот транспорт.

„Прво треба градоначалниците да престанат да се занимаваат како менаџери на градежно земјиште, бидејќи тоа не им е дејноста. Што се однесува до автомобилите, тоа треба да биде стратегија на државно ниво каде што ќе се работи и самите граѓани да сфатат дека не мора секаде со возило да одат. Проблем е изградбата на катни гаражи во строгиот центар на градот, со тоа ги повикувате возилата да дојдат да паркираат, тие треба да бидат околу центарот“, вели Пановски.

Тој истакнува и дека проблем е ширењето на улиците во Скопје, потенцирајќи дека во главните градови во Европа улиците се стеснуваат, а повеќе простор се остава за велосипедите и пешаците. Пановски додава дека исто така јавниот транспорт треба да се подобри и оти е потребно повеќе да се работи на граѓанската свест.

Градот Скопје има проблем во целосното урбано планирање и затоа е потребно да се направи ревизија на Генералниот урбанистички план 2012-2022, вели Владимир Карчиски од граѓанската организација „Проактива“. Тој додава дека исто така е потрбно градот да направи стратегија за одржлив транспорт во која ќе се истакнат придобивките од алтернативните видови на транспорт.

„Треба секако да се работи и на самите возачи на моторни возила кои ги искористуваат за свој паркинг простор оние површини кои не се наменети за нив. Треба построго казнување и влијаење врз нивната свест. Знаеме дека градот Скопје е рамен и прилагодлив за користење на велосипеди во голем дел од годината, бидејќи имаме сончево време и од еден до десет километри најбрзо може да се стигне со велосипед и најлесно за него да се најде паркинг простор“, вели Карчиски.

Тој смета дека на овој начин, покрај придобивките за животната средина, градот ќе има бенефит и на економски план, потенцирајќи оти и другите општини во градот треба да размислуваат за субвенционирањето на велосипеди, како што тоа го прават општините Скопје и Центар.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG