Достапни линкови

Скопје го кројат моќници, просторот стана стока за продавање


Законите кои ја регулираат областа на урбанизмот, планирањето и градењето се менуваат премногу брзо и обемно и на тој начин е создадена ситуација во која архитектите и урбанистите не знаат кои закони стапуваат на сила, посочуваат експертите. Тие истакнаа дека урбанистите и планерите се маргинализирани и ставени во погрешна функција.

Главниот град Скопје се соочува со лош урбанистички развој и наместо да претставува визија за иднината, тој е кочница за развојот на целата држава. Со урбанистичко планирање се почесто се занимаваат кругови од финансиската и политичката моќ и тоа произведува кратковидост во таквото планирање.

Она што се случува во плановите и во просторот, по нашите згради и нашиот центар на град е обратно од она што сите сме го учеле во нашето архитектонско школо.
Мирослав Грчев, универзитетски професор.

Ова се дел од заклучоците коишто беа изведени на денешната дебата насловена „ДУП просторот стана роба за продавање“, организирана од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Беше истакнато дека професијата на архитектите, урбанистите и планерите е маргинализирана и ставена во функција на погрешна општествено – политичка агенда.

Професорот од Архитектонскиот факултет во Скопје, Мирослав Грчев, истакна дека целиот процес на урбанизмот, на планирањето на просторот, на спроведувањето на урбанистичките планови и градењето на градовите се симптоми на едно тешко системско заболување на македонското општество. Тој посочи дека градењето врз просторот којшто им припаѓа на сите граѓани е последица на криминализирањето на градењето во последните 20 години.

„Она што се случува во плановите и во просторот, по нашите згради и нашиот центар на град е обратно од она што сите сме го учеле во нашето архитектонско школо“, рече Грчев.

Тој истакна дека законодавна материја којашто го артикулира работењето на архитектите, урбанистите и планерите се менува многу брзо, обемно и погрешно и оти никој од еснафот не знае кои закони се на сила.

„Првата голема системска законска промена којашто архитектонската и урбанистичка струка ја помножи со нула е Законот за сопственост и други стварни права од 2001 година. (...) Во Членот 121 – Градење без одобрение за градба се вели: На градежен објект изграден без одобрение за градење, градителот со самата градба не стекнува сопственост, а до легализацијата на тој објект врз основа на одлука на надлежен орган ужива соодветна судска заштита која му припаѓа на сопственик ако со закон не е поинаку уредено“, истакна Грчев.

Главниот проблем е неусогласеноста меѓу законите што ја регулираат областа, посочи архитектот Дамјан Цингарски од Секторот за урбанизам на Општина Центар. Тој вели дека наместо јавноста, притисок за одредени промени прават единствено инвеститорите кои имаат финансиска добивка од објектите.

„Па така имаме промени и во законите и во правилниците коишто очигледно се наменети за одредени конкретни примери во градот. Не зборуваме за системско решавање на проблемите кога се прават тие промени туку зборуваме за конкретно адресирање на некои изолиран пример. И тоа влегува во правилник и потоа тоа мора да биде употребувано на се останато и тоа е јасно проблем“, вели Цингарски.

Тој исто така укажува на проблемот што Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање го употребуваат на ниво на целата држава: „Како да е Скопје и Охрид исто, и сите исто треба да изгледаат“, вели тој.

Експертите велат дека слабото влијание на граѓанскиот сектор во процесот е поради ниско е нивото на едукација кај граѓаните. Архитектот Мартин Пановски вели дека во земјава изгубено е чувството зошто се прават плановите.

„Единствена цел на изработка на некаков план не е развој на градот, туку е создавање на подобар начин на живот на граѓаните. Друга цел нема“, вели Пановски.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG