Достапни линкови

Димитров во Атина побара поддршка, Коѕиас- прво да се реши името


Ја барам поддршката на грчката влада и на грчката јавност, рече министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, на заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега Никос Коѕиас во Атина. Димитров вели дека ова е неговата главна порака и помалку му е важно кој ќе биде победник и кој ќе биде повешт во аргументите.

„Во овој момент нас ни треба еден поттик за исправено да зачекориме по патот по кој сакаме да одиме. Ние бевме практично неподвижни неколку години. Немаме скриени агенди и сакаме да бидеме пријател со вашата земја“, рече Димитров.

Грција сака целиот регион на западен Балкан да станат дел од евроатланскиот систем, вели грчкиот министер Коѕиас, но, како што додава, не може Грција повеќе од тие земји да сака тие да влезат во ЕУ и НАТО.

Грчкиот министер вели дека се отворени да ги поддржат напорите на Македонија да влезе во меѓународните организации, но под услов да се реши прашањето за името.

„Ова е услов на кој мора да работиме да за да се постигне компромис за сите страни“, вели Коѕиас.

Тој вели дека претходната влада во нашата земја воопшто не практикувала компромис и дека прашањето за името од географски проблем го претвориле во идентитетски проблем. Тој ги пофали заложбите на новата влада и рече дека никој нема да биде посреќен од него ако се заврши целата приказна.

XS
SM
MD
LG