Достапни линкови

Судбината на Зврлевски и судството во фокусот на неделниците


Седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците за извештаите на СЈО и ОЈО. Катица Јанева и Марко Зврлевски на 21 септември 2016

Неделникот Фокус пишува дека Зврлевски и Аневски ќе ’висат‘ заедно, Република дека СДСМ сака обвинител кој нема да ги гони нивните криминали, а Капитал дека ако нема генералка во судството, тогаш барем да се исчисти највалканото.

Фокус - Зврлевски и Аневски ќе ’висат‘ заедно!

Јавниот обвинител Марко Зврлевски и претседателот на Судскиот совет Петар Аневски заедно на насловната страница на Фокус со наслов: „Зврлевски и Аневски ќе ’висат‘ заедно!“, а во колумната авторката пишува: „И додека некои си даваат оставка од одредени функции затоа што со новата Влада имаат различни визии и концепти или затоа што е логично бидејќи биле назначени од претходниот владин состав, Зврле не трза на тоа“. А тука бил и Аневски „за да нè просветли дека Марко функционирал перфектно“. И завршува цитирајќи една изјава на Иванов, „со“, како што вели, „мудролијата на Хорхе, ’ако не се држиме заедно, ќе висиме одделно‘ и капирам дека Зврлевски и Аневски одлучиле да ’висат заедно!‘“

За „перфектниот“ обвинител, кој како што се потсетува, не отворил ниту една истрага за Фамилијата, Фокус пишува и во друг текст наведувајќи дека еден од првите чекори што ги презема Владата на СДСМ се очекува да биде попречен токму од Советот на јавни обвинители, кој процедурата за избор на нов обвинител може да ја оддолжи до бескрај. Па предлага реформата да почне баш од Советот на јавни обвинители со измена на Законот за тој Совет.

Република - Ново судство за нови хајки против ВМРО-ДПМНЕ и нови амнестии за Заев

Со сосема поинаков дискурс на темата јавен обвинител, Република насловува: „Ново судство за нови хајки против ВМРО-ДПМНЕ и нови амнестии за Заев“. За авторот на текстот, смената на јавниот обвинител Зврлевски и „преземањето на контролата на СДС врз ОЈО“, како што пишува, се вршело под плаштот на „реформи во судството“ и немало цел негова департизација, туку требало да обезбеди „нов живот“ на СЈО за да ја продолжело хајката против довчерашната владејачка партија.

Инаку, на монтирана фотографија на насловната на Република се премиерите Заев и Ципрас како се поздравуваат, и пишува: „Македонија пред свршен чин – Влез во НАТО само со ’скршена кичма‘“, во свој стил вадејќи зборови на Заев од контекст.

Капитал - Ако и нема ’генералка‘, барем да се прочистат местата каде што судството е најизвалкано

И Капитал уште на насловната обрнува внимание на најавата на новиот премиер за сериозна реформа во правосудството, цитирајќи го: „Ако и нема ’генералка‘, барем да се прочистат местата каде што судството е најизвалкано“.

Неделникот Капитал објавува и дека македонската економија годинава ќе порасне само за 2,8 отсто, а главната тема во економскиот магазин носи наслов: „Новата Влада со нова даночна политика“ и поднаслов кој завршува со извичник и прашалник: „Прогресивен данок за поголема еднаквост на граѓаните!?“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG