Достапни линкови

Пеце Здравковски: „Збогум“ ја апострофира бесцелноста на војната


Збогум, краткометражен филм
Збогум, краткометражен филм

Со освојување на Гран при и уште пет авторски награди на штотуку завршениот 46 Државен натпревар на непрофесионален филм што се одржа во Охрид, победа на еден интернационалниот натпревар и две номинации на друг, кратката видео сторија за бесцелноста на војната „Збогум“ на режисерот Пеце Здравковски и неговите соработници е вистински показ за еланот, ентузијазмот и инвенцијата на младите македонски вљубеници во седмата уметност.

По малку и затекнат од убавиот след на настаните, битолскиот режисер, сценарист, монтажер Пеце Здравковски, во името на екипата ентузијасти околу себе, сторијата за успехот на „Збогум“ („Farewell“) знае да ја срочи во само неколку реченици. Вели дека најнапред биле номинирани за Best Art Direction и Best Sci-fi Genre на интернационалниот виртуелен натпревар за краток филм и еден од најпрестижните на интернет MyRodeReel, потем дека добиле „People's Choice“ на сродниот, но од малку понизок ранг, Film Convert Competition и конечно дека освоиле Гран при на 46 Непрофесионален државен натпревар за филм на Македонија, како и авторски награди за режија, сценарио, монтажа (Здравковски) и камера и музика (Ѓорѓи Вацев).

„Искрено, сите од екипата бевме изненадени бидејќи не очекувавме да извадиме ваков квалитет и да бидеме толку препознаени од публиката и од проследувачите, бидејќи сепак станува збор за нашето првенче. А тоа што „Збогум“ ни е признаен како вредно дело на повеќе натпревари сите нас нè направи да бидеме среќни и нè мотивираше да ја започнеме работата на новиот серијал којшто би требало да биде промовиран оваа есен“, вели Пеце Здравковски.

Режисерот и сценарист појаснува дека филмот го снимале без буџет и со „скелет екипа“, со учество на нивни пријатели и сомисленици кои во проектот влегле само од љубов кон седмата уметност. Истакнува дека дел од „Збогум“ е сниман во близина на Новаци, во житородната Пелагонија, а втората половина во еден напуштен хотел во Отешево на брегот на Преспанското Езеро. Притоа смета дека приказната, иако делумно нејасна, всушност речовито говори за војната и за бесцелноста. Инаку, нивната идеја била да имаат малку подолг филм, но условите за учество на натпреварот малку ги ограничиле, па затоа биле принудени да го скратат. Сепак, како што ќе рече авторот, се обиделе сторијата да ја раскажат преку песна и малку на метафоричен начин – едноставно потиснувајќи го дијалогот.

„Збогум ја апострофира бесцелноста на војната. Ние сакавме да доловиме некоја атмосфера на веќе започната војна, односно на војна во процес. Исто така сакавме, за разлика од многу други филмови, да покажеме идна дистопија. Да направиме критика на денешниве случувања околу нас. Да потсетиме дека светот не значи оти ќе оди на подобро, туку напротив. Дека утописките процеси кои ни ги споменуваат корпорациите можат да земат некое спротивно придвижување кое може да нè одведе само кон уништување“, вели тој.

Деновиве, пак, екипата во којашто покрај Здравковски се и камерманот и директор на фотографија Ѓорѓи Вацев, тон мајсторот Христо Стојановски, шминкерот Сашо Мартиновски, актерите Димитар Ѓорѓиевски и Симона Јосифовска, Дејан Петроски кој бил задолжен за визуелните ефекти, Ристо Алчинов, Коста Хаџикојчев веќе работи на серијалот чија основа ќе биде токму краткиот филм „Збогум“. Неколкуте епизоди планираат да бидат на англиски јазик и се надеваат дека кон крајот на летово ќе почнат со кампањата за прибирање на средства со што би успеале да го пуштат на каналот Јутуб и дека потем полека би се создале и услови за втора сезона.

„Серијалот ќе биде со истите два ликови од филмот, меѓутоа ќе биде посветено многу поголемо внимание на двајцата дезертери кои бегаат од армијата сметајќи дека не е правилно она што го прават. Филмот не е толку идиличен и ќе биде базиран на сатира и црн хумор, а ќе го претставиме на Јутуб и ќе биде бесплатен за симнување за да може да го видат што поголем број на посетители“, вели тој.

Инаку, Здравковски е студент на Техничкиот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, а Ѓорѓи Вацев ги завршува студиите на Џез академијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Сепак, за обајцата е својствена една желба – по дипломирањето да се дообразуваат на некоја од Академиите и професионално да ѝ се посветат на седмата уметност.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG